Димитровски тврди дека СДСМ барал помош од Груевски за уставните измени

СДСМ испратил луѓе во Будимпешта на средба со поранешниот премиер Никола Груевски за да побараат помош од него за обезбедување одреден број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени за Бугарите да влезат во Уставот, во замена за амнестија за него и за некои негови луѓе – изјави Зоран Димитровски, поранешен новинар и уредник, а сега партиски функционер на Демократски сојуз, во настап во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Димитровски рече дека за таа средба постојат фотографии и дека Груевски ја одбил таквата соработка.

– Груевски таквата соработка ја одбил. Без оглед какви се неговите моментни односи со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, тој одбил таква соработка со подземни игри да се прави во парламентот дво-третинско мнозинство. Ова можам да ви го кажам авторитетно и со информации кои ги имам од теренот. Постојат фотографии од средбата со Груевски на луѓе кои што се испратени од СДСМ. Јас не велам дека тие нема да се обидуваат и понатаму, да нудат пари на пратеници, на различни начини, но сметам дека овојпат имаме сосема различна ситуација. Или ќе гласа целото ВМРО-ДПМНЕ, или ниту еден нема да гласа – рече Димитровски.