Димовски: Институциите се произнесоа за Венецуела и Северна Кореја, но не и за документот од Вашингтон

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски преку Фејсбук ги повикува институциите да се произнесат  за документот во Вашингтон за прашњето на односите помеѓу Косово и Србија.

– Ниту една македонска државна институција не се произнесе (да поздрави, поддржи, коментира,…) за потпишаните документи во Вашингтон за прашањето на односите помеѓу Косово и Србија. Нашата држава се произнесе за Венецуела, Северна Кореја, демократијата во Полска, но не и за прашања поврзани со Србија и Косово (две држави наши соседи со кои имаме најразвиена економска соработка и размена) – пишува Димовски.

Тој додава дека е долг списокот на институции и државни функционери кои треба, можат, или често го правеле тоа, да кажат став и да коментираат ваков чин од висок државен интерес и за Македонија, а сега не го сторија тоа. И ги набројува: претседател на државата, претседателот на Собранието, премиерот, владата, министерот или Министерство за надворешни работи, други министри кои раководат со политички ресори (одбрана, европски,…), но во конкретен случај и економски ресори (транспорт, економија,…).

– Се забележува и дека ниту една поголема и сериозна политичка партија, формално и суштински, не го искоментира овој важен момент од високо значење за регионалната состојба и стабилност на Балканот и во најблиското наше опкружување. Што е значајно да се каже за нашата државна позиција:

Ова прашање не треба да го гледаме низ призма на сентимент за било која од двете страни, туку исклучиво и единствено низ призма на интересот на Република Македонија и интересот на сите нејзини граѓани. Наш интерес во регионот да има трајна стабилност и предвидливост. Интерес на Република Македонија е да нема решавање на спорови со било каква промена на граници. Наш интерес е да нема воени конфликти на било која од нашите граници заради опасност огнот да се прошири кон нас. Интерес на Република Македонија е да се инвестира во инфраструктура, транспорт, трговија и економија било каде во нашето соседство, затоа што така и ние стануваме конкурентни. Од тука навистина не ми е јасно зошто ниту една државна институција, функционер и политичка партија не одмери дека е потребно да каже и прокоментира: Го поздравуваме одговорниот однос и приодот на Република Србија и Република Косово кон меѓусебните односи, а за нас е битно да нема воени и територијални решенија за проблемите на Балканот, ја поддржуваме економска соработка и инфраструктурни инвестиции. Толку. Толку требаше, напиша Димовски.