Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара од претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на „штетниот дезинтегрирачки, дискриминирачки и неуставен закон за јазици“. Димовски најавува дека ќе го оспори пред Уставниот суд, ако парламентарното мнозинство повторно го изгласа законот.
Многу пати низ дискусиите во Собрание кажав, но е еве и да повторам: Законот за употреба на јазиците (Закон за двојазичност) е штетен, дезинтегрирачки дискриминирачки и целосно неуставен документ.
Овој закон е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на нашите сограѓани од помалубројните етнички заедници (Албанците, но и сите други помали заедници).
Процедурата за донесување на овој закон во Собранието на Република Македонија беше целосно неделовничка и спротивна на основните демократски стандарди. Овој закон е донесен на сила.
Овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава.
Затоа, како пратеник во Собранието на Република Македонија, апелирам:
* До Претседателот на Република Македонија, да не го потпише Указот за прогласување на овој Закон. Тоа негово уставно право никој не може да го оспори, посебно затоа што во овој случај има десетици и десетици аргументи.
* До пратениците во Собранието на Република Македонија, да не гласаат за овој закон кога тој повторно ќе се врати на седница во Собрание на Република Македонија. Верувам дека барем 10 пратеници на СДСМ до тогаш ќе разберат каква голема и непоправлива штета нанесуваат на сопствената држава.
Доколку и покрај укажувањата на целокупната јавност пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за овој закон, најавувам дека ќе поведам иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поништување на овој закон.
Да, нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и спремност за таквите барања.
Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните.
Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани.
Овој закон нема да донесе добро за државата и нејзините граѓани, напиша Димовски на Фејсбук.