Димовски: Македонија закована на дното во регионот според приливот од странските директни инвестиции

Фијаското во делот на инвестициите, поточно во делот на странските директни инвестиции во Македонија продолжува и во 2021 година. Странските директни инвестиции во земјата  за првите три месеца од 2021 година изнесуваат скромни 25,6 милиони евра, истакна во вторникот Гоце Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски посочи и дека приливите на средства по основа на странските директни инвестиции се ниски и најчесто доаѓаат од компаниите кои веќе работат во Македонија. Доколку се направи споредба со другите земји во регионот, додаде тој, може да се констатира дека Македонија е закована на дното во однос на приливот на странските директни инвестиции.

„Имено, приливот на странските директни инвестиции за првите три месеци од 2021 година во соседно Косово е за 5 пати поголем во споредба со Македонија, приливот на странските директни инвестиции за првите три месеци од 2021 година во соседна Албанија е за 9 пати поголем во споредба со Македонија додека пак приливот на странските директни инвестиции за првите три месеци од 2021 година во соседна Србија е за 37 пати поголем во споредба со Македонија“, рече Димовски.

Констатираше дека нови инвестиции во земјата воопшто и да нема, и протоа ѝ порача на власта дека „бројките и фактите се немилосрдни“.

„А тие велат уште еден пораз, неисполнето ветување на Владата на СДСМ, и немање на идеја и стратегија за креирање на развојна економија. И тоа во време кога регионот бележи успеси на ова поле, додека Македонија е целосно заобиколена. Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше на власт приливот на странските директни инвестиции ќе беше неколкукратно поголем а економски услови за водење бизнис многу подобри“, додаде Димовски.