Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски ги повика пратениците од СДСМ и коалицијата да не го менуваат името на Армијата на република на Македонија. Според Преспанскиот договор, Димовски рече дека има време од 5 години тоа да се стори. Ако СДСМ продолжи да брза и да го менува името на државата од Република Македонија во С. Македонија на документи, институции, материјали и така натаму, тоа е кршење на Преспанскиот договор.
-Главна и суштинска измена на овој закон е промена на името на Армијата на република Македонија во Армија на С. Македонија. Да ви објаснам. Ние пуштивме во процедура идентичен текст на закон кај заменик на министерот без оваа измена. Значи нашиот предлог беше да не се смени името на државата. Ќе ви дадам интересни образложенија. Вчера во врска со таблата во Министерството за труд и социјална политика ви го читав членот 10 точка Б од преспанскиот договор. Вашиот Преспански договор вели дека политичкиот преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали и ќе започне да се применува после отворањето на поглавјето во следните 5 години. Што значи тоа? Тоа значи дека името на Армијата на Македонија не мора да се смени денеска во согласност со вашиот Преспански договор. Имате право да одлучите денеска да не го смените името на Армијата, затоа што обврската што сте ја превземале говори дека тоа треба да се направи во рок од 5 години. Зошто вие денеска брзате?, праша Димовски.
Според него, СДСМ и нивните коалициони партнери само прават штета на државата.
-Таа алатка која што е во Преспанскиот договор, која што вели ние имаме право да ги зачуваме имињата на институциите, докумнтите, материјалите под уставното име Република Македонија, е убава алатка доколку има совесни политичари за на тој начин да ја принудиме другата страна побрзо да се завршуваат преговорите за затворањето на поглавјата. Ние вака ги испукуваме куршумите, ја правиме штетата врз нас и потоа немаме куршум, немаме карта во рака, немаме џокер како сакате наречете го тоа. Значи вие денеска или утре ќе го смените името на Армијата спротивно на Преспанскиот договор, затоа што таква обврска според тој договор сеуште нема. Немојте да ги трошите и онака малкуте можности за побрзо започнување и затворање на преговорите во секои од поглавјата. Немораше да ги смените сведителствата на учениците во С. Македонија. Ниту еден документ во министерството за земјоделие не мораше да се смени во С. Македонија. Ниту мораше да се менува името на документите од министерството за транспорт и врски. Вие го кршите Преспанскиот договор. Вие станавте поголеми Грци од Грците. И во историјата ќе останете запишани со име и презиме, рече од говорницата Илија Димовски.