Димовски: Никој не слушна кои се правните експерти со кои се консултирал Пендаровски за Законот за попис

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека нема нелогичности во Законот за попис, туку целиот закон е нелогичност, затоа што, како што вели, тоа не е закон за попис на населението во Република Македонија, тоа е закон за утврдување на државјани на Република Македонија.

Димовски посочува дека уште во самиот наслов на Законот, во првите неколку члена кога се чита по дефиниции што ќе се попишува, се вели дека ќе се попишува државјани.

Димовски вели дека пред месец дена има излезено податок колку државјани има во Македонија, укажувајќи дека во секоја нормална држава се врши попис на населението кое живее во моментот во државата.

-Ние имаме точна бројка на државјани обајвена пред месец дена и ние тој податок го имаме. Смислата на постоење на попис во сите нормални држави е да се утврди бројот на населението коешто живее во Македонија. Ние нема да дојдеме до таа бројка, затоа што овој закон, вака како што е поставен, воопшто не го бара тоа. Не го бара тоа затоа што политичката елита на власт се плаши од резултатите од пописот од апсект на големите миграции коишто се случуваа последните 30-тина години и непредвидливоста на бројките од аспект на етничката застапеност на сите заедници во Република Македонија и можните реперкусии по начинот на тоа како Република Македонија функционира – додаде Димовски.

Тој смета дека реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на пописот е оправдана бидејќи во парламентот не се прифатил ниту еден амандман на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и заради тоа што претседателот на државата Стево Пендаровски требало да повика некој од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги образложат амандманите.

-Активностите на опозицијата се реакција на акцијата на власта и не може после 4 години владеење на СДСМ за се да е криво ВМРО-ДПМНЕ. Околку прифаќање или неприфаќање, Парламентот ниту еден единствен технички амандман не прифати од страна на опозицијата. Пендаровски не повика ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, да ги повика 5 души, да повика да прати писмо до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, не ви прифатија амандмани дојдете образложете, дали да потпишам дали не. Си го потпиша по брза постапка како да е заверувач на документи во Влада – изјави Димовски

Тој прашува кои се експертите кои го разгледувале законот.

-Не слушнавме кои се правните експерти со коишто се консултирал. Тоа е нетранспаренто. Нека каже – со овие 10 се консутиравме и тие правни експерти да кажат „да, ние мислиме дека овој закон е добар“. Тогаш сме чисти. А, не сега по флоскулата се консултирав со пет правни експерти. Кои се тие правни екперти? – прашува Димовски.