Предлог законот за медиуми на СДСМ е спротивен на Уставот на РМ, на многу меѓународни документи и на една цела низа од актуелни закони, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ и токму затоа за нив е целосно неприфатлив.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, од изнесениот предлог за медиумите, повеќе од јасно е дека СДСМ нема да бидат компромисни бидејќи не сакаат да се најде решение, туку целта е да создадат конфликт.
Предлог законот на СДСМ е надвор од здравиот памет и јасно покажува дека единствена цел на оваа партија е да стави рака врз медиумите. Освен што е спротивен на Уставот и на многу законски решенија, предвидува и зголемување на казните и цензорски односно овозможува државата да кажува дали новинарството е етичко, професионално, објективно, избалансирано, правично или не, истакна Димовски.
Како што рече ВМРО-ДПМНЕ нема да ги напушти преговорите, но во никој случај нема да прифати предлози кои не се базирани на аргументи и на меѓународните искуства.
Димовски на денешниот брифинг со новинарите го повтори ставот на својата партија дека во игра се две опции.
Едната е да се разгледаат предлозите на медиумите, односно на новинарските здруженија и Македонската медиумска асоцијација и тие потоа да се внесат во постојниот Закон за медиуми, а другата е СДСМ да одбере кој било закон од држава членка на ЕУ и Македонија да го преземе.
Информира дека на 25 овој месец ќе стапат на сила измените на Изборниот законик кои се однесувааат на медиумите. -За 19 дена ќе имаме друга регулатива за медиумите во која се опфатени сите забелешки на СДСМ, особено во делот на јавниот сервис и сите политички субјекти ќе добијат еднаков простор за рекламирање, истакна Димовски.
Тој уште еднаш потенцира дека Законот за медиуми во Македонија е добар и ако има потреба од измени за тоа ќе се разговара со луѓето од фелата и релевантните здруженија, наместо да се исполнуваат партиски желби како онаа на СДСМ.