Димовски: Шеќеринска наплаќа кирија за сопствен стан за самите да живеат во него

Илија Димовски истакна дека давањето одговор не е само редење неколку збора во три-четири реченици, туку нудење  аргументи и докази и да се одговори на сите поставени прашања во детали.

На денешната прес конференција Димовски посочи дека Радмила Шеќеринска вчера не даде одговор, туку само дополнително се заплетка себе си и за жал и својот сопруг. Тој вели дека и не се сигурни дека таа беше свесна што всушност кажа.

„Радмила Шеќеринска вчера ни кажа дека таа и нејзиниот сопруг добиваат 5 317 евра за кирија од фирмата во која работи нејзиниот сопруг за стан кој е во нивна сопственост и во кој живеат. Кирија наплаќаат за сопствен стан заради тоа што самите живеат во него. Замислете да живеше Шеќеринска во туѓ стан. Колкава кирија ќе наплаќаа? 10 000 евра? 15 000 евра?“, запраша Димовски кој додава дека  Шеќеринска вчера сакаше да не убеди дека нема ништо спорно во овој скандалозен приход кој го остваруваат. Но не е така.

Според Димовски, прво, која е пазарната логика и пазарната цена за изнајмување на стан во Скопје, па макар тој бил и екстра голем, како оној на Шеќеринска од 178 метри квадратни, па да биде изнајмен за цели 5 317 евра месечно?  Таква висока кирија во Скопје за стан, вели Димовски,  па и за куќа не постои.

„Ова е најскапата кирија што може да се сретне во целата држава. Како е дојдено до оваа цена? Врз основа на кои параметри? Зошто фирмата во која работи нејзиниот сопруг би плаќала 5 317 евра месечно кога за ист таков стан може да плаќа не повеќе од 800 евра? Дајнерс е профитна фирма или добротворно друштво задолжено за луксузниот живот на госпоѓа Шеќеринска?“, повторно се прашува тој.

Исто така Димовски се прашува  како тоа е возможно сами да издаваат  сопствен стан за да живеете во него? Каде го има тоа? Кој друг човек во оваа држава го издава сопствениот стан, наплаќа енормно голема кирија, за сам да живее во него? Радмила Шеќеринска мисли дека сега сите граѓани треба да и веруваат. По нејзината логика, секој човек што има сопствен стан треба да наплаќа кирија од фирмата каде што работи заради тоа што живее во сопствениот стан.

Трето, појаснува тој, со киријата која ја наплаќаат за овој стан, тие всушност за три години и четири месеци ја добиваат сумата која ја платиле за да го купат овој стан, па според него,  нема пазарна логика.

„Ова госпоѓо Шеќеринска не врви. Вакви приходи не се остваруваат ниту од бунар за нафта, а не па од издавање на стан на самиот себе си“, потенцира тој.

Денеска Димовски потенцираше дека сумата која семејството на Шеќеринска ја добива само по овој основ е неразумно висока и незамислива за било кој граѓанин на оваа држава. Според него, Шеќеринска добиваат 63 811 евра или 10 716 денари дневно. Значи, семејството на Радмила Шеќеринска имаат дневен, повторувам дневен приход од 10 716 денари само по овој основ. За кирија на сопствен стан во кои сами живеат.

„Ја замолуваме госпоѓата Радмила Шеќеринска да не држи часови и лекции на сите околу себе, ниту нам, ниту на јавноста, ниту на својата партија. Очигледно нема што многу да не научи, а тоа да е пристојно и коректно.  Наместо тоа и денес ја повикуваме да одговори на следните прашања без да се обидува да држи празни реторички говори и без при тоа да се труди да ги напаѓа сите околу себе заради енормните и несразмерни приходи кои ги остварува’’, рече Димовски.

На крај, Димовски постави уште прашња, за кои ја замолуваат Шеќеринска да даде одговор.

Каков е договорот за кирија? Дали јавноста ќе го добие на увид? Дали договорот има пазарна логика или претставува покритие за друг вид на приход кој Шеќеринска треба да го остварат? Зошто не изнајмуваат стан од било кој друг граѓанин на Скопје, туку мора сопствениот стан да си го издаваат на самите себе? На која сума плаќаат данок?

Многу важно: Колку години овој стан е издаден на самите себе? Колку вкупно приходи оствариле по овој основ, знаејќи дека киријата што ја наплаќаат за една година е 63 811 евра, за две години е 127 622, за три е 191 433, а за четири години е енормни 255 244 евра.

Димовски посочи дека е време  нападите врз други и празните реторики таа да  ги остави за друг момент, а сега да даде одговор за овие скандалозни приходи.