Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ дебатата за програмата и составот на Владата ја почна со акцентирањето дека победник на последните парламентарни избори е ВМРО-ДПМНЕ.
Еднаш во 1992 година имаше случај кога како победник на изборите ВМРО-ДПМНЕ не формираше Влада, ова е вторпат. Сакам да предупредам дека поради таа постапка од ’92 година, во Македонија беа повлечени многу штетни политики, од економски, институционален и национален карактер. Се надевам дека политичките фактори се свесни за овој факт и се спремни да ги преземат одговрностите кои настанаа или ќе настанат поради одлуката победничката партија да биде отстранета во можноста да учествува во управување со Македонија, истакна Димовски
Тој рече дека пратениците од неговата партија и од Коалицијата ќе учествуваат активно во работата на Собранието, и во комисиите и на седниците, на добрите потези ќе одговараат со поддршка, а на лошите со остра критика и спротивставување, а на коректноста со коректност.
Ветувавте нови луѓе, професионалци во својата област, но, со чест на неколку исклучоци, поставувате партиски кадри, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во првото обраќање откако мандатарот Зоран Заев ја претстави програмата на новата влада.
Димовски рече дека само за мал дел од предложените кандидати имаат позитивно мислење.
Таравари, кој работи на Клиниката за неврологија, е предложен за министер за здравство.
– Таравари е човек за кој можам да кажам дека би биле спремни да гласаме за министер. Како кадровски потенцијал и како личност, сигурно овој кандидат е еден од малкуте што се вбројуваат во таа категорија, на кандидати професионалци – рече Димовски.
Сепак, тој го искритикува предлогот за составот на економскиот тим.
– Тоа што мора да се потенцира е дека предложената влада има мал и слаб економски тим. Има и огромен број кандидати за министри без ресор. Министри без ресор имаше и во минатата влада, но деведесет проценти од тие кандидати работеа во економскиот тим на владата. Ова е голем пропуст на мандатарот, кој треба да го имате предвид – рече Димовски.
Говорејќи за целиот постизборен процес, посебно откако се формира ново парламентарно мнозинство, Димовски рече дека биле нарушени повеќе пишани и непишани правила, Уставот, Деловникот со како што рече изборот на нелегитимен претседател на Собранието, притоа споменувајќи ја тука и Платформата на албанските партии.
Како една од забелешките за кршење на процедурите од Деловникот Димовски посочи и тоа што не е почитуван рокот од 10 дена, потребен за разгледување на материјалите од програмата и биографиите на предложените кандидати за министри.
Димовски му забележа на мандатарот Заев што во експозето не спомена ништо за тоа како ќе го речи проблемот што Грција го има со нашето уставно име. За зголемување на пензиите, за зголемување на платите на војската и полицијата и во јавниот сектор, како ни за поддршка на странските инвестиции, кои според Димовски го кренале просекот на платите во Македонија.
Димовски рече дека експозето содржело непрецизности и памфлетни ветувања, а притоа рече дека од него се препознава дека следуваат зголемување на давачките – персонален данок, и данок на имот, основица на придонесите и акцизи за возила, што според Димовски е нешто што ќе се случи за првпат по 10 години.