Русија нема да ги толерира американските провокации во Украина во кои ќе бидат нападнати руските државјани, порача во неделата шефот на руската делегација на разговорите во Виена за воената безбедност и контрола на вооружувањето Константин Гаврилов за YouTube каналот „Изолента live“.
„Зарем ова не беше нашироко покриено во печатот? Сѐ беше разјаснето, и кажано и предупредено. Нема да толерираме кога нашите граѓани ќе бидат нападнати, тоа е јасно кажано. И беше забележано во сите медиуми“, изјави Гаврилов одговарајќи на прашањето за руските планови во случај на американски провокации во Украина.
Притоа Гаврилов истакнува дека Москва нема намера само да се „заканува“, туку ќе реагира и ќе одговори со конкретни дејствија.
„Ние не сме Американци, да водиме пропаганда за да ги прикриеме нашите намери. Беше кажано, на тоа беше укажувано, нека анализираат и нека размислат и на Западот и во Украина“, додава Гаврилов.
Претходно рускиот дипломат изјави дека западните земји блефираат, користејќи обвинувања за наводен „напад“ врз Украина, за да дојдат до подобра преговарачка позиција во разговорите по барањата на Русија за правно обврзувачки договор за неширењето на НАТО во близина на нејзините граници и непримање на нејзините соседни земји во членство на Алијансата, што Брисел и Вашингтон го отфрлија.
Истовремено Гаврилов не ги исклучува провокациите од страна на укаинските сили распоредени во областа на раздвојување со проруските сепаратисти, како и на самата граница со Русија, но истакна дека Москва „прави сѐ што е можно за да ги спречи“.
„Оваа кампања е покрената од Западот обвинувајќи ја Русија за сите гревови, дека ќе нападнеме, и не запира и покрај изјавите на претседателот, министрите, замениците министри и другите руски претставници – дека немаме намера, дека не ни е потребна војна туку дипломатско решение. Не исклучувам дека може да дојде до провокации. Тоа сакаат информативно да го покријат“, додаде Гаврилов.
Потсети дека Русија е еден од гарантите на мировните договори од Минск, покрај Германија и Франција, и оти „нема да дозволи нејзините граѓани да бидат навредувани, а не пак убивани“.