Искусни дипломати како никогаш порано се шиканирани, уназадувани и изложени на мобинг од страна на министерот Бујар Османи, тие еден по еден тужат и предметите ги добиваат на суд бидејќи се исти, но Апелација само предметот на претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, амбасадорот Зоран Дабиќ, го враќа на почеток, алармира овој синдикат и прашува дали е тоа заради бунтовноста на амбасадорот.
„„Министерството за надворешни работи последните неколку години брутално деградираше триесетина дипломати, вклучително и дел со највисок, амбасадорски ранг, на најниски можни позиции. Без никакво објаснување, незаконски, тивко, под закрила на нова систематизација. Сеча на дипломати. Како тоа изгледа во пракса? Замислете судија после 30 години стаж да биде вратен на работа во писарница. Или генерал во поручник. Или професор во асистент.Такво самоволие, шиканирање и мобинг МНР претходно немаше видено.
Патот до правдата во нашите судови е долга. Во наведениот случај 4 години, до сега. Десетина дипломати се решија приватно да го тужат МНРм еден по еден ги добиваат споровите. Но, трошењето државни пари за судски трошоци, а во заштита на неговиот каприц, не го обесхрабри министерот Бујар Османи, кој даде наредба сите судски одлуки да се обжалат до Апелација.
Еден по еден, сите колеги ги добиваат случаите и на Апелациониот суд.Не е ни чудо, бидејќи сите случаи се идентични како јајце на јајце и сите со очигледна злоупотреба на позицијата на моќ и овластување од страна на министер.
Единствено тужбата на претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, амбасадорот Зоран Дабиќ, како исклучок, Апелациониот суд ја врати на повторно судење во Основен суд како ‘нејасна’. Без оглед што се работи за идентични случаи и за идентични пресуди како и останатите.
Нашиот претседател, амбасадорот Дабиќ е најистакнатиот и најактивен борец за подобрување на професионализмот во дипломатијата и за почитување на работните права што Македонија некогаш го имала. Очигледно, тој многу му пречи на раководството на МНР кое со сите сили се обидува да го замолкне. Се поведуваа монтирани дисциплински постапки, го изолираа, му одземаа работни обврски, се обидуваа да го заплашат.
На крај, кога ништо од тоа не им успеа, ‘проработеа’ телефоните на релација МНР – Апелационен суд, па тужбата на ‘бунтовниот’ амбасадор се врати на почеток. Нека се плетка по судските ходници уште барем четири години. А до тогаш ќе дојде и нов министер.
Каде е во оваа приказната судството? Четири години се води едноставна постапка каде што повеќе од очигледна е злоупотребата на овластувањата на министерот и пресметувањето со неистомислениците од редот на највисоките дипломати.
Наместо да биде последна и најсилна инстанца на заштита на вработените, Апелациониот суд се согласи да биде маша на поединци на врвот на извршната власт.
Мизерно и бедно, како од министерот така и од судиите кои ‘му излегле во пресрет’.
Затоа, не три, туку наскоро ниту еден процент доверба нема да остане во судството“, се вели во соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат.