Дипломатска криза во ЕУ: Унгарија го повлече на консултации амбасадорот од Холандија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијартво изјави во петокот дека унгарскиот амбасадор во Хаг го повикал на консултации по навредливите споредувања коишто ги искажа холандскиот амбасадор во Будимпешта во врска со владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан изедначувајќи ги нејзините методи со оние на терористите.

„Унгарија својот амбасадор во Холандија го повика на консултации“, потврди шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто пренесе службената новинска агенција MTI.

Ваквиот потег доаѓа ден откако унгарскиот неделник 168 Ora објави интервју во коешто холандскиот амбасадор во Будимпешта Гајус Шелтем, кому му истекува службувањето во Будимпешта, споредува некои мерки на унгарската влада со методите на муслиманските екстремисти.

Сијарто порача дека ќе побара јавно извинување од владата на Холандија.

„Нема да прифатиме објаснувања зад затворени врати. Холандскиот амбасадор во Будимпешта ја понижи Унгарија. Во разговорот се изнесени многи неосновани и контроверзни обвинувања, но најлошото е тоа што холандскиот амбасадор ги изедначува Унгарија и терористите“, истакна Сијарто.

„Никому не му е дозволено да искажува такви коментари во врска со Унгарија или  унгарскиот народ“, истакна министерот.

Амбасадорот Шелтема во разговорот ја критикува директноста со којашто унгарскиот премиер Виктор Орбан му пристапува на проблемот со мигрантите, според него повеќепати изедначувајќи ги мигрантите со „терористите“.

Холандскиот министер за надворешни работи Берт Коендерс го оцени истапот на амбасадорот како „непријатен во најмала рака“.

„Како и да е, мене ми е јасно дека нема никаква врска меѓу тероризмот и однесувањето на унгарската влада. Тоa во најмала рака е непријатно“, изјaви Коендерс за холандската новинска агенција ANP.

Шефот на холандската дипломатија напомнува дека сѐ уште го чека официјалниот превод од интервјуто, истакнувајќи дека пренесените изјави не се ставови на неговата влада.

„Меѓутоа, исто така, не можам да замислам што амбасадорот сакал да каже“, истакнува Коендерс.