Европската фудбалска федерација (УЕФА) покрена истрага против турскиот репрезентативец Мерих Демирал поради гестот што го направи за да го прослави својот втор гол во победата од 2:1 против Австрија во осминафиналето на Европското првенство, а токму неговиот гест со раце кој имитира глава на волк предизвика дипломатски скандал меѓу Германија и Турција.
Гестот на Демирал е поврзан со „Сивите волци“, ултранационалистички огранок на Партијата за националистичко движење (MHP), која е коалициски партнер на турската владејачка Партија на развојот и правото (AKP), предводена од претседателот Реџеп Тајип Ердоган, а во Германија потегот на Демирал беше осуден како расистички.
„Симболите на турските десничарски екстремисти немаат место на нашите стадиони. Користењето на Европското фудбалско првенство како платформа за расизам е целосно неприфатливо“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер преку социјалната мрежа Х.
„Сивите волци“ се основани во 1960-те и се поврзуваат со убиствата на околу 5.000 луѓе пред и по воениот удар во 1980 година. Нивната активност е забранета во Франција, нивните симболи не смеат да се користат во Австрија, додека дејствувањето на „Сивите волци“ во Германија е под посебен надзор.
Од друга страна, турското Министерство за надворешни работи смета дека покренувањето постапка на УЕФА против Демирал е неприфатливо и дека тоа е ксенофобија. Згора на тоа, германскиот амбасадор во Анкара беше повикан на разговор поради оваа контроверзност.
„Ги осудуваме политички мотивираните реакции за употребата на историски и културен симбол на начин кој не напаѓа никого за време на прослава на спортски настан“, смета турското министерство.
Самиот Демирал, кој ги постигна двата гола за Турција во вторникот и беше прогласен за играч на натпреварот, во изјавата по натпреварот рече дека планирал на тој начин да го прослави евентуалниот гол.
„Ваквото прославување го имав наум за да покажам дека сум горд што сум Турчин. По постигнатиот гол го почувствував тоа во коските и среќен сум поради тоа. Сите наши навивачи се горди на нас, видов луѓе во публиката како го прават тој гест, а и јас го направив тоа откако ги видов“, изјави Демирал.
Инцидентот на еврото се совпадна со почетокот на судењето на 22 лица во Турција за убиството на поранешниот водач на „Сивите волци“ Синан Атеш, кој беше убиен во Анкара во 2022 година.