Директорката на „Никола Карев“ им се заканува на учениците кои протестираат (видео)

Скандал: Директорката на скопското средно училиште „Никола Карев“ им се заканува на учениците. Таа им забранува да протестираат за загадениот воздух. Во видеото јасно се слуша со кои зборови таа им се обраќа на децата.

Овој нејзин потег е скандалозен, а уште позагрижувачки е фактот што, според некои информации, ова не е единственото училиште во кое децата се жртви на притисок и закани да не излезат на протест.

„Мртва тишина! Тој што вика ууу уште еднаш нека викне, не ми смета. Може повторно и другите да викаат. За секој случај, да ве информирам. Имам информации дека само „Никола Карев“ протестира. Само вие протестирајте и нека нема настава. За последиците не ви гарантирам“, им се обраќа директорката на учениците.

https://youtu.be/Q-Q7UPMBDZA

Инаку, синоќа во врска со најавениот протест на средношколците од Скопје за загадениот воздух, со соопштение се обрати во јавноста и Детската амбасада „Меѓаши“. Во него стои дека никој не смее да им го ограничува правото на глас на учениците.

– Учениците имаат право да се самоорганизираат низ неформални форми на здружување и акции и да се залагаат за правата пред институциите кон кои се однесуваат барањата. Младите имаат енергија и решителност да го бараат од државата она што им е неприкосновено право, а тоа е чист воздух и никој тоа не може да им го забрани и ускрати. Наместо да ги казнуваме, треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето незадоволство од загаденоста на животната средина и што е најважно – да се потрудиме да им го обезбедиме правото да дишат! И да им се придружиме! Во другите европски земји наставниот кадар не врши притисоци за протестите што се одржуваат секој петок – Friday for future, напротив, во многу училишта и како предмет се воведуваат климатските промени и загадувањето на животната средина. Наставниот кадар треба да ги поттикне учениците да бидат дел од промената и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања – велат од „Меѓаши“.
Инаку, ученици од повеќе средни училишта во земјава утрово ја бојкотираа наставата како форма на револт против високото аерозагадување. Утринскиот протест во училишните дворови е во пресрет на денешниот „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“ организиран од „Зелениот фронт“ кој ќе започне во 17 часот пред Министерството за животна средина и ќе продолжи пред Владата во 18 часот.