Директорката на Токсикологија Бесија Иљази им забранила на вработените да даваат изјави за медиуми

Економската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази, им забрани на вработените на Клиниката за токсикологија да даваат медиумиски изјави, по скандалите кои еден месец ја тресат здравствената установа. Таа претходно немаше слух за барањето на вработените кои повикаа да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, од кои има потреба, наместо 18 лица на чие вработување Иљази инсистираше, а за кои се верува дека не ги исполнуваат критериумите.

Откако докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, инаку таа македонски јазик не зборува и не се знае ништо за нејзиното образование, Клиниката е во долгови, а во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија и вработените се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант. Иљази наместо да одговори на критиките, донела писмена наредба до докторите да не комуницираат со јавноста.

„Клиниката за Токсикологија Скопје, ВД. Организацискиот директор на Клиниката на ден 20.05.2024 ја донесе следнава НАРЕДБА за забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес конференции. Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до В.Д. Организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на сакнционирање“, се наведува во наредбата.

Министерот за здравство, Илир Демири, претходно го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, и покрај тоа што нивните поплаки се однесуваа на економската директорка. Од минатата недела 18-те лица повторно почнале да доаѓаат на работа на Клиниката, а во јавноста беше објавено дека меѓу нив има и лице кое барало од лаборант урина со наркотици да биде заменета со чиста. Договориците потоа го обвинија професорот Нико Беќаровски за навреди на етничка основа, а тој возврати со најава за тужби и доби поддршка од вработените на Клиниката кои тврдат дека такво нешто не се случило, а за Беќаровски имаа да кажат се’ најубаво.

Министерот Демири, минатата недела не кажа дали осумнаесетте вработени со договор на дело од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.