Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.
Согласно образложанието, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.
Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.
Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, поврзано со издавање на лажни сертификати, дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство, каде што се постави прашање дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови. Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции.