Денеска (05.10.2024) директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев беше во работна посета во Секторот за внатрешни работи Тетово, Полициско одделение Групчин, Полициско одделение Јегуновце, Граничен премин Јажинце и Полициската станица за безбедност на сообраќајот Тетово.
При посетата директорот Јанев имаше можност да ги види условите во кои работат колегите и да поразговара за предизвиците со кои се соочуваат вработените при секојдневното работење.
Директорот Јанев при посетите потенцираше дека од исклучителна важност е полициските службеници да имаат добри услови за работа и дека приоритет е подобрувањето на условите за работа во полициските станици и набавка на потребната опрема.
При посетите од особена важност е и остварената средба со началничката на Регионалниот центар Север на која се разговараше за важноста и потребата од блиска соработка, односно продлабочување на соработката помеѓу Одделот за гранични работи и миграции и Секторот за внатрешни работи Тетово со цел зацврстување на позицијата во обезбедување на сигурност за ефикасно решавање на транснационалниот криминал, миграции и борба со корупцијата.
Од страна на Јанев беше потенцирано дека во иднина ваквите посети ќе станат редовна пракса, со цел увид во работењето и функционирање на сите служби кои се под надлежност на Бирото за јавна безбедност се со цел подобрување на условите и создавање на функционална полиција која ќе биде во служба на граѓаните и спроведување на законот кој еднакво важи за сите.