Директорот на штипската болница Ален Георгиев е натепаниот лекар: „Ќе ти ги убијам и ќе ти ги запалам децата“, викала докторката

Министерството за внатрешни работи денеска во својот дневен билтен информираше дека вработено лице во Клиничката болница во Штип пријавил во полиција дека бил нападнат од колешка исто така вработена во КБ Штип.

Нападнат е всушност директорот, д-р Ален Георгиев, кој за Фактор го потврди инцидентот.

-Немилиот настан се случи пред неколку дена во мојата канцеларија. Јас цели десетина минути само седев, додека докторката вербално и физички ме напаѓаше. Десетина минути слушав страшни вербални закани и тоа кон моите деца. Се закануваше дека ќе ми ги убие децата, дека ќе ги запали, а при тоа и физички бев нападнат. Но, воопшто не изреагирав, пред се заради тоа што и станува збор за жена, посочува во изјава за Фактор, директорот на Клиничката болница Штип, д-р Ален Георгиев.

Тој истовремено посочи дека докорката С.П. работела со договор на дело до 10 ноември, кога сама си го прекинала договорот. Инаку, како што вели, таа работела само прва смена на Инфективното одделение и тоа не со пациенти, туку административни работи.

Од МВР во билтенот посочуваат дека по комплетирање на случајот, против С.П. до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.