Директорот на ЈСП ги замоли советниците да гласаат за субвенциите за вработените да земат плата

„Следува период на избори, па доколку сега не се изгласаат субвенциите за ЈСП, тогаш голема е веројатноста вработените да не добиваат плата за периодот додека трае изборниот процес, бидејќи нема да постои решение за изгласување на одлуката“.

Ова на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје го изјави директорот на ЈСП, Крсте Петревски, кој ги замоли советниците да ја изгласаат одлуката за субвенционирање на 11 милиони евра на сметка на претпријатието.

– ЈСП сега нема пари за плати на вработените, бидејќи истата оваа седница се одржуваше за 28 декември минатата година, а одлуката не беше изгласана на седницата. Само ќе ги набројам основните трошоци на месечно ниво. ЈСП троши меѓу 45-50 милиони денари за нафта, 20-тина милиони за метан, 30-тина милиони за приватниците. Само овие три трошоци се околу 100 милиони денари месечно за кои сме обврзани. А каде се тука гуми, резервни делови, масло, електрична енергија и ред други трошоци за редовно работење? – рече директорот Петревски.

Тој додаде дека јавното претпријатие месечно од сите приходи има околу 70 милиони денари, а тие пари главно се од продажба на билети и договори со училишта за бесплатно да се возат учениците.

– Ние како јавно претпријатие скоро 70 проценти од патниците ги возиме бесплатно по разни програми, па приходите ни се ограничени на таа сума. Поради тоа вработените се тука излезени на штрајк бидејќи субвенциите не се изгласани – додаде директорот.

Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, пак, обвини дека Советот на Град Скопје носи одлуки за ЈСП, но дека директорот и градоначалничката не ги реализираат.

– Зошто одлуките за продолжување на пет-шест линии не се продолжени, а има одлука, не е направено и зошто нема воведување на две нови линии. Лага е дека сте ни доставиле извештаи тоа се само штури извештаи, не детални. Како со 150 милиони субвенции функционирало ЈСП, а сега не може со 780 да функционира. Ние правиме онолку колку што можеме – кажа Андоновска.

Андоновска укажа дека надлежните ниту се отчетни, ниту транспарентни и во таква ситуација не може постојано да ви се даваат средства.

– Тоа се средства на граѓаните и мора да кажете што правите со нив, не може да ви се даваат средства и како можело да се функционира ЈСП со помалку средства и сѐ да е океј – вели Андоновска.

Според Андоновска, потребно е да се дадат одговори зошто нема автобуси, сега со истурање на средства не може да обезбедат автобуси.

Директорот на ЈСП, Крсте Петревски, одговарајќи на советнички прашања во Град Скопје, кажа дека нови автобуски линии нема да има додека не се добијат нови автобуси.

„Не е проблем да ги воведеме линиите, изгласајте ги автобусите за ЈСП веднаш ќе ги воведеме. Ресурсите на ЈСП со оваа флота која ја имаме 13 години стара, тие се можностите“, посочи Петревски.

Кажа дека трошоците се зголемени, оти цените се повисоки.

„Во времето на Коце, нафтата беше 27 денари, платата минимална беше 9.000 денари и споредувате тој период со овој. На крај, за трошоците – на секое прашање ќе ви одговарам. Со претпријатието управува Управниот и надзорниот одбор, директорот извршува. Тие имаат увид за секој потрошен денар. Треба да присуствувате на состанок да видите како се дискутира по седум часа. Ако вас не ве известуваат тоа е ваш проблем“, додаде директорот.