Дисциплинска постапка против Русковска и уште две обвинителки на ОЈО ГОКК

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство, донесе Решение со кои се поведува дисциплинска постапка против поранешен основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и против уште две обвинителки од тоа Обвинителство.

– Постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, соопшти денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Против ова решение на Комисијата, се наведува во соопштението, не е дозволена жалба.

Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе бидат повикани подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог.​