Државниот санитарен и здравствен инспекторат – подрачно одделение Битола по извршениот вонреден инспекциски надзор ќе издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во Клиничката болница „Трифун Пановски“ во Битола, односно забрана за давање здравствени услуги на пациенти од страна на странски државјани без лиценца за работа обезбедена согласно Законот за здравствената заштита.
Вонредниот инспекциски надзор, како што соопштија од ДСЗИ, нивните инспектори го извршиле по добиените сознанија дека на одделението по гинекологија и акушерство во Клиничката болница „Трифун Пановски“ во Битола на 1 јануари царски рез на родилка извршило лице кое не е вработено во болницата и е странски државјанин.
При вонредниот инспекциски надзор, како што се потенцира, ДСЗИ ПО Битола констатираше дека директорот на установата во врска со случајот преземал законски предвидени мерки, односно поведени се дисциплински постапки против девет лица вработени на Одделот за гинекологија и акушерство, а двајца доктори се суспендирани до завршувањето на дисциплинските постапки.
Од ДСЗИ посочуваат дека ќе достават известување до надлежното Основно јавно обвинителство за случајот, со прилог документација обезбедена при надзорот за натамошно постапување.
Информацијата за констатираната состојба врз основа на увидот во евиденциите во областа на здравството, медицинската документација за пациентката, изјави дадени од директорот на установата, како и изјавите од здравствените работници кои биле инволвирани во случајот и преземените мерки од ДСЗИ ќе биде доставена до министерот за здравство, додаваат од ДСЗИ.