Светските цени на храната во март го достигнаа своето највисоко ниво досега, поради војната во регионот на Црното Море, при што најмногу поскапеа основните житни култури и растителни масла, се вели во најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната во просек изнесуваше 159,3 поени, што е зголемување од 12,6 отсто во однос на февруари, кога го достигна највисокото ниво во однос на 1990 година, а во споредба со март 2021 година, индексот забележа скок од цели 33,6 отсто.
Цените на житариците се зголемија за 17,1 отсто на месечна основа во март, поттикнати од растот на цените на пченицата и на сите главни житни култури, најмногу поради војната во Украина.
Русија и Украина заедно во последните три години учествуваат со околу 30, односно 20 отсто во светскиот извоз на пченица и пченка.
Пченицата минатиот месец беше поскапа за 19,7 отсто, отколку во февруари.
Поради загриженоста за состојбата со посевите во САД, цените на пченката се зголемија за 19,1 отсто на месечно ниво, достигнувајќи рекордно високо ниво заедно со цените на јачменот и соргото.
Спротивно на тоа, цените на оризот, во зависност од регионот и квалитетот, варираат благо во однос на февруари, додека на годишно ниво и понатаму се намалени за 10 отсто.
Цените на растителните масла се зголемија за 23,2 отсто во март, поттикнати од повисоките котации на сончогледовото масло чиј најголем извозник во светот е Украина.
Цените на палминото, соја и маслото од репка, исто така, значително се зголемија како резултат на повисоките цени на сончогледовото масло и суровото масло, додека цените на маслото од соја беа дополнително зголемени поради загриженоста за понискиот извоз од Јужна Америка.
Котациите на шеќер на глобалниот пазар се зголемени за 6,7 отсто во однос на февруари, со што се смени неодамнешниот надолен тренд, а во однос на март 2021 година се повисоки за 20 отсто.
Месото поскапе за 4,8 отсто во март, достигнувајќи го највисокото ниво во историјата, предводено од растот на цените на свинското месо поради недостигот на свињи за колење во Западна Европа.
Глобалните цени на месото од живина исто така зајакнаа поради падот на залихите во земјите кои се водечки извозници, по избувнувањето на птичјиот грип.
Што се однесува до млекото и млечните производи, нивните цени се зголемија за 2,6 отсто на месечна основа во март, а за 23,6 отсто на годишно ниво, бидејќи цените на путерот и млекото во прав нагло скокнаа поради зголемената побарувачка за увоз, особено во Азија.
Според ФАО, глобалните резерви на жито ќе бидат 29,7 проценти во 2021/22 година, што е занемарливо пониско од претходната година и „сеуште е релативно удобно ниво на понуда“, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на ФАО.
фото: Freepik