Општина Штип и Здружението на граѓани „Пастрмалијада Штип” почнуваат со финални подготовки за новото издание на познатата штипска манифестација „Пастрмалијада 2014″.
Годинава манифестацијата ќе трае четири дена и ќе се оддржи од 25 до 28 септември на веќе утврдената локација кај крстосницата Дујле.
Утврдени се и музичките ѕвезди кои ќе настапат на манифестацијата. На 25 септември, во четврток настапуваат Дивље Јагоде, на 26 септември во петок штипјани и посетителите од Македонија ќе ги забавува српскиот музичар Аца Лукас, а во сабота, на 27 септември гостува уште една српска пејачка, Наташa Беквалац.
На 28 септември, во недела предвиден е настап на македонски изведувачи од забавната и фолк сцена.
„Минатата година, Штип беше одличен домаќин на манифестацијата со до сега најголем број на посетители од регионот и воопшто од Македонија. Организаторот се надева дека оваа година ќе се направат уште поголем број на пастрмајлии, со оглед на тоа што самото искуство веќе значи многу во надминување на проблемите кои се појавија од минатата година. Изборот на музички ѕвезди кои треба да ја засилат манифестацијата е направен да одговара на истата, но од друга страна и да привлече дополнителен број на посетители“, изјави за порталот „1.мк”, Драган Ристов,советник за односи со јавност на Општина Штип.
Штип е единствен град во Македонија кој организира манифестација „Пастрмалијада” посветена на брндираниот специјалитет. Ова издание на „Пастрмалијадата”ќе се организира по осми пат. Пред три години беше издаден и официјален гурмански водич за најдобриот вкус на Штип – Пастрмалијата.