ДКСК иницира кривична постапка против Мерко за набавка на луксузно возило

Државната комисија за спречување на корупција денеска иницираше поведување постапка за кривично гонење пред недлежното Јавно обвинителство за градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, поради извршување на функцијата спротивно на начелата на законитост и интегритет и на јавниот интерес и интересот на општината, потврдено се наводите на извршената ревизија.

Имено, ДКСК оформила предмет за Мерко и набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“ во Општина Струга.

– Градоначалиникот на Општина Струга Рамиз Мерко ја злоупотребил својата положба при набавка на четири автомобили во вкупна вредност на набавката од 114.000 евра меѓу кои и луксузниот автомобил марка „Ауди А6“ со вкупна вредност на набавката од 66.700 евра кое го користи градоначалникот и тоа во време кога Општина Струга е со неподмирен долг од околу четири милиони евра, истакнаа од Комисијата.

Тие посочија дека градоначалникот во неговото писмено изјаснување ги отфрла изнесените наводи.

– Градоначалникот во своето писмено изјаснување ги отфрлува наводите со образложение за дотраен возен парк на возила на Општина Струга кој, според него, пред објавување на јавниот оглас за набавка на возила го сочинувале стари возила и тоа еден „Мерцедес Е-класа“ од 2006 година, две „Шкода Фабија“ од 2010 година, едно комбе „Фиат“ од 2010, едно „Ауди А6“ од 2011 година со блокиран мотор и една „Шкода Октавија“ од 2010 година, наведоа од ДКСК.

Од Комисијата посочија дека тој во своето изјаснување навел дека се воздржал од патувања на многу важни состаноци и средби со образложение „од други причини“, бидејќи му било срам да ја каже правата вистина дека нема возило за патување со повисоки перфорамнси, кои гарантираат сигурност и безбедност при патувањето на градоначалникот на Општината.

– Според него наводите изнесени во медиумите биле злонамерни, тендециозни со се единствена цел да се отфрли ликот и делото на градоначалникот и да се отргне вниманието од поважните теми во тоа време, ја информирале ДКСК од Општината.

ДКСК наведува дека Општина Струга функционира со блокирана сметка од 17 февруари 2010 година и оти набавката на нови возила доаѓа во период кога Општина Струга има други проблеми за решавање, набавка на нови камиони за противпожарна служба, комплетно решавање на проблемот со депонијата и водата за пиење.

Исто така, од ДКСК побараа да се достави претставка, до Судскиот совет од за преиспитување на донесените решение од Основниот суд во Струга по барање за зголемување на минимумот средства за извршување на основната дејност од страна на должникот Општина Струга, бидејќи, како што образложија, донесена е одлука од ист судија еднаш за одбивање на барањата од 2016 година, а другата за усвојување на барањето во 2017 година, кои се темелат на истите образложени причини на должникот Општина Струга, но од различни градоначалници. Што, според нив, претставува навод за политичко влијание врз работата на судиите.

Мерко во изјава за МИА посочи дека целата процедура за набавката на возилото е регуларна.

– Право на секого е да покренува што сака. Од целата работа се направи мешаница. Ние планираме да правиме и нови набавки за потребите на Општината, а сега некој ќе зборува за минатото, нагласи Мерко.