На телото на Kоста Kрпач имало само една прострелна рана, е утврдено во текот на обдукцијата на неговото тело на Институтот за судска медицина во Скопје, пишува весникот „Дневник“.
Како што пишува весникот ова е најново сознание до кое е дојдено во истрагата за овој случај, а која продолжува и натаму. Од друга страна, се уште не се завршени сите проверки што се потребни за истражните органи да донесат конечен заклучок за околностите под кои починал Kрпач.
Ние ги вршиме сите проверки што се предвидени со протоколите во вакви случаи. Тоа значи дека тие работи не завршуваат за еден ден, односно за кусо време. Потребно е подолго време за да се проверат и утврдат сите факти во случајот. Дури откако ќе се направат такви проверки, може да се соберат сите факти врз основа на кои може да се извлекуваат некакви заклучоци дали се работи за убиство или самоубиство. При крај сме со таквите проверки и наскоро може да се очекува комплетирање на сите сознанија, изјавил вчера анонимен извор на „Дневник“, кој е вклучен во истрагата.
Според весникот, утврдувањето на фактот што на телото на Kрпач постои само една влезно-излезна рана ги демантира шпекулациите што деновиве кружеа во јавноста дека тој бил двапати застрелан, а кои имаат цел да создадат убедување кај јавноста дека станува збор за убиство.
Од друга страна, со цел целосно расветлување на случајот, скопското Јавно Обвинителство вчера побарало различни податоци и документација од специјалното јавно обвинителство, МВР и од Основниот суд Скопје 1.
Од скопското ОЈО изјавија дека очекуваат да ги добијат дополнителните податоци што им се потребни за да ја заокружат истрагата за овој случај кога минатата среда во стан во скопски Центар беше откриено телото на 40-годишниот Kоста Kрпач со прострелна рана во градите. Обвинителството досега не соопшти дали станува збор за убиство или самоубиство како што првично беше објавено. Досега е утврдено дека станот во скопската населба Kапиштец, во кој беше пронајдено неговото телото, бил заклучен однатре по што полицајците кои први пристигнале на местото морале по неколку часа да ја развалат вратата за да влезат. Неговата сопруга во таа пригода била повикана како сведок, а не да ја отвори вратата. Инаку, Kрпач со прострелна рана во градниот кош бил пронајден во спалната соба, а во близина бил и револверот „смит енд весон“, кој бил негов и го поседувал со дозвола, пишува „Дневник“.
Текстот во целост прочитајте го на Дневник.