Станот во скопската населба Kапиштец во кој беше пронајдено телото на Kоста Kрпач бил заклучен однатре по што полицајците што први пристигнале на местото морале по неколку часа да ја обијат вратата за да влезат, а неговата сопруга била повикана како сведок, а не да ја отвори вратата, дознава весникот „Дневник“ од полициски извори.
Како што пишува весникот, Kрпач со прострелна рана во градниот кош бил пронајден во спалната соба, а во близина бил и револверот „смит енд весон“, кој бил негов и го поседувал со дозвола.
Првичните индиции водат кон тоа дека станува збор за самоубиство. Во четвртокот беше соопштено дека во Институтот за судска медицина во Скопје се прават последните анализи од обдукцијата и оти таа не е завршена. Наодот се очекува да биде доставен на разгледување во Основното јавно обвинителство наредната недела. Се чекаат уште резултатите од балистичкото вештачење по што од Обвинителството би требало да одговорат како настапила смртта кај Kрпач.
Од Основното јавно обвинителство кусо одговорија дека јавен обвинител веднаш по случување на настанот раководел со увидот на самото место.
Издадени се наредби за вршење обдукција на починатото лице, за балистичко вештачење, за прибирање траги од самото место и други вештачења. Преземањето дејства од Обвинителството е во тек. Со подетаљни релевантни информации јавноста ќе биде запознаена откако ќе пристигнат и ќе бидат разгледани сите извештаи и информации – изјавија од Обвинителството.
Kусо и без многу детали за настанот информираа и од МВР, од каде што рекоа дека во средата околу 13.20 часот, во полицијата било пријавено дека се слушнале истрели на улицата Народен фронт во Скопје, односно во близина на станот на Kрпач.
По излегување на местото на настанот е констатирано оштетување на товарно возило „фургон“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на ДТУ„Огнометика“ од три проектили испукани од правец на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов. По извршените проверки е констатирано дека можен сторител е лицето K.K. (40) од Скопје, кој бил пронајден починат во спалната соба од својот стан – кусо одговорија од МВР.
Според професор Оливер Андонов, СЈО е виновно за смртта на Kрпач поради, како што вели, „тортурата на која бил изложен“.
Самоубиството на Kрпач оди на душа на СЈО и на Kатица Јанева и тие еден ден треба да дадат одговор за она што го сториле. Не се сите луѓе психички подготвени да издржат таква тортура и најверојатно во моменти на тешко растројство го извршил самоубиството – изјави Андонов прашувајќи зошто ако бил сведок, како што тврди СЈО, се вршеле претреси во неговиот дом.
Kривичниот суд потврди дека се вршени претреси по барање на СЈО
Од Kривичниот суд во Скопје потврдија дека на почетокот на април 2016 година судија на претходна постапка од организиран криминал и корупција по барање на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) била издадена наредба за претрес во домот на Kрпач, а претходно за правно лице чиј сопственик во одреден период бил тој. В овој контекст е и драмата што СЈО ја создаде кога со полицијата го блокираа Централниот регистар, наводно за да спречат изнесување документи, иако тие се водат електронски.
Од СЈО рекоа дека Kрпач бил сведок во постапката, кој доброволно се пријавил
Ве известуваме дека лицето Kоста Kрпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамките на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство“, стои во писменото соопштение на СЈО, додавајќи дека во рамките на предистражна постапка се вршени претреси. Со оглед дека предистражната постапка е тајна, можеме само да ве известиме дека тие претреси се вршени согласно законските одредби, завршуваат од СЈО.
Сe` уште без објаснување е и противречноста на фактите што произлегуваат од соопштението, а според кои е вршен претрес на лице што доброволно се пријавило како сведок, што упатува на тоа дека самиот би предал се` што има, а што е интересно за предистрагата на СЈО, па не би имало никаква потреба од претрес, пишува Дневник.