Фалсификуваните турски пасоши кои, меѓу другото, биле откриени во фабриката за афери, најверојатно, биле користени и за вадење визи за аџилак во Мека, кои потоа биле продавани, пишува весникот „Дневник“.
Како што дознава весникот, ова во моментов интензивно се проверува во Исламската верска заедница со цел да се утврди кои се лица со турски патни исправи изминатиов период добиле виза за аџилак.
Односно, ќе се утврдува дали тие лица воопшто постоеле или лажните пасоши биле само начин да се добие виза за влез во Саудиска Арабија, а која потоа била продавана на други лица по цена од неколку стотици евра. Од ова верска заедница се најавува дека јавноста брзо ќе биде запознаена со резултатите на истрагата, пишува „Дневник“.
Полициската истрага досега утврди дека во компјутерот на Захир Бекири – Чауш, кој е осомничен во случајот, во најголем дел биле подготвувани фалсификати на турски патни исправи. Тоа е чудно со оглед на тоа што се знае дека за турските пасоши нема некоја голема побарувачка на црниот пазар.
Но, работите се сосема поинакви кога е во прашање можноста тие да се искористат за добивање визи за аџилак.
Портпаролот на ИВЗ, Агрон Војника, во петокот изјави дека Захир Бекири – Чауш бил поврзан со сменетите раководители во ИВЗ и првите луѓе од поранешниот состав на Скопското муфтиство. Тој се сомнева дека тие, преку македонски новинар во Србија, објавиле лажни чекови за наводно мито, кое преку два чека го добиле тој и реисот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.