Вработениот во ДИК веднаш пријавил во полиција. Ова стои во дневниот билтен на МВР, но без никакви други детали.
Официјално од одделението за односи со јавност при Комисијата вчера велеа дека воопшто не знаат за кого станува збор и дека за случајот слушнале од љубопитните новинари. Ни одговорија дека повеќе детали ќе имаат дури вечерта, по што ги исклучија своите мобилни телефони и повеќе не беа достапни.
Но, извори на „Дневник“ во ДИК велат дека всушност станува збор за заменик-претседателот на Комисијата, Реџеп Прекопуца, и оти намерно не се излегува со официјален коментар за да се добие во време и да се испланира соодветен одговор. Како што дознава „Дневник“, посочениот весник, односно уредник, е од дневниот весник „Лајм“ на албански јазик.
Инаку, според полицискиот билтен, на пријавувачот му биле упатувани и разни погрдни и навредливи зборови и доколку не му биле вратени 20.000 евра, ќе бил даден на суд.
Лицето го прашало зошто ја одбил понудата за печатење на кандидатските листи за пратеници за претстојните парламентарни избори во весникот. На тоа пријавителот одговорил дека имал подобра понуда од друг дневен весник. При разговорот пријавителот забележал дека разговара на интерфон, при што во разговорот се вклучило друго лице, кое се претставило како главен и одговорен уредник на дневниот весник. Тој му рекол дека не смеел да биде против објавувањето на кандидатските листи, а воедно му се заканил со компромитирање на личноста, со објавување лаги и невистини во весникот доколку не се објават листите во нивниот весник – наведува МВР.
Од „Лајм“ за „Дневник“, пак, посочија сосема спротивна приказна за разлика од пријавената во МВР.
„Лајм“ беше избран како најдобар понудувач од страна на ДИК за кај нас да бидат објавени листите. Нашата понуда со ДДВ изнесуваше 280 илјади денари и стигнавме до стадиум на потпишување договори со Комисијата, барем тоа беше последниот разговор со жената од ДИК со која преговаравме. Прекопуца е продолжена рака на ДУИ во ДИК и тој е виновен што добиениот оглас беше поништен и листите не се отпечатени кај нас – објаснуваат од „Лајм“.
Според нивните тврдења, Прекопуца се обидел да претстави дека всушност нивната понуда не е 280 илјади, ами многу повеќе, што било и причина уредник од „Лајм“ да стапи во контакт со него.
Му се јавивме и му рековме дека ќе го тужиме бидејќи тенденциозно под притисок на ДУИ ни го поништи огласот и во тој момент човекот почна да вика, да употребува погрдни зборови, стана безобразен. Поседуваме докази за се што говориме и работата ќе ја истераме до крајот, ќе го тужиме Прекопуца, а и ќе ги информираме сите странски дипломати во земјава за да знаат како се носат одлуки во ДИК, а на крајот ќе бараме и негово разрешување – нагласуваат од „Лајм“.
Тие велат дека тужбите ќе ги поткрепат и со дополнителни докази дека на Прекопуца не му е првпат да се надоврзува на притисоците што ни ги прави ДУИ. Од МВР засега соопштуваат само дека истрагата е во тек.
Скандал и со македонските весници – „Слободен печат“ го добил огласот иако првично бил избран „Дневник“
Дека начинот на кој ДИК одлучува на кој дневен весник ќе му плати за да бидат објавени кандидатските листи е скандалозен, албанскиот весник не е единствен пример. Имено, според регулативата, ДИК треба да ги објави листите во најмалку еден дневен весник на македонски и ист таков на албански јазик, но освен споменатиот скандал, сенка има и врз постапката за избор на македонскиот весник, односно „Слободен печат“ (каде што листите се објавени пред неколку дена).
Поточно, весниците што влегле во потесен круг и добиле најави дека листите ќе бидат испечатени во нивните изданија очекувајќи ги финалните договори, биле зачудени кога едноставно, без никакво известување од ДИК, листите осамнале во „Слободен печат“, инаку проопозициски ориентиран. Останатите весници се револтирани од непрофесионалниот однос на ДИК, од која во најмала рака очекувале известување дека се одбиени и објаснување зошто.
Станува збор за материјал од 16-ина страници, а понудите на дневните весници доставени до ДИК се движеле од 230 до 500 илјади денари.