
„Се издава привремена мерка на начин што се запира примената на одлуката на Макпетрол АД Скопје за одобрување зделка со заинтересираната страна број 001-17/4 од 1.6.2013 г., и тоа под 1) ’Оилко KДА’ Скопје како продавач на ствари и давател на услуги и 2) Оилко KДА Скопје како купувач на ствари и давател на услуги“.
Ова е дел од содржината на мерката која пред две години со Решение П1 бр.695/13 од 12.7.2013 г. ја издал Основниот суд Скопје 2 Скопје против Макпетрол АД Скопје на барање на акционери надвор од менаџментот на „Макпетрол“ предводен од Андреја Јосифовски, а со која се стопира зделката. Решението е донесено по повод тужбата на 20 помали акционери на Макпетрол, кои се спротивставиле Јосифовски да ја направи зделката со „Оилко“, чија вредност изнесувала 925 милиони денари (околу 15 милиони евра). Подоцна мерката ја укинал Апелацискиот суд, но ова укажува дека уште пред две години постоеле индиции дека Јосифовски преку својата контрола во Макпетрол, најголемиот продавач на нафта и нафтени деривати во државата, се обидувал да го зголеми имотот на транспортната фирма-ќерка „Оилко“, во која тој има поголемо учество, пишува Дневник.

Tребало да се продаде земјиште од 1,5 милион евра
Kако што е познато, МВР завчера поднесе кривични пријави против 21 лице, меѓу кои првоосомничен е Јосифовски. Според пријавата, тие овозможиле на незаконски начин префрлување имот од Макпетрол на Оилко, со што се оштетени помалите акционери на првата фирма за 6,1 милиони евра, и стекнување корист од речиси пет милиони евра.
Според решението на Основниот суд Скопје 2 од 2013 година, се работело за зделка која „Макпетрол“ требало да ја склучи со „Оилко“ и тоа по две основи – „Оилко“ по првата точка требало да наплати од „Макпетрол“ транспортни услуги за закуп на деловен простор, за картичката „верна“, додека, пак, од „Макпетрол“ купувала гориво, користела финансиски услуги, откуп на земјиште итн. За да се реализира дел од зделката во членот 2 од одлуката, стоело дека „Макпетрол“ ќе треба да донесе одлука за продажба на земјиште во вредност од 10 милиони денари (1,5 милион евра).
Притоа вкупната вредноста на зделката била 925.500.000 денари (околу 15 милиони евра), што е 10,21 отсто од вкупната актива на Макпетрол. За такви зделки, чија вредност надминува 10 отсто, во согласност со законските прописи за обезбедување на побарување потребно е да се добие мислење од овластен ревизор. Помалите акционери тврделе дека вакво мислење не било обезбедено и дека зделката со тоа е незаконска поради што го тужеле Макпетрол. Со цел да се заштитат акционерите, Основниот суд издал привремена мерка. Во септември Апелацискиот суд ја укинал мерката со образложение дека Основниот суд претпоставил дека зделката е реализирана, иако не утврдил дали таа навистина била спроведена или не, па затоа мислењето од ревизорот не било задолжително, пишува весникот.
Целиот текст прочитајте го во Дневник.