Следното дополнување ќе се направи во периодот меѓу 1 и 10 февруари. Но финалното, како што појаснува Сашо Срцев, член на ДИK од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во предизборниот период, се прави веднаш откако изборите ќе бидат распишани, уште следниот ден.
На пример, ако на 24 февруари се распушти Собранието и се распишат избори, ДИK веќе на 25 бара од Министерството за внатрешни работи нов список со полнолетни граѓани. Овој список подразбира и полнолетни граѓани кои се починати, кои смениле адреса на живеење во согласност со издадените лични документи, кои стапиле во брак, односно го промениле презимето и кои се без државјанство бидејќи во одредени странски држави мора да се откажат од македонското за да добијат друго државјанство. Во согласност со овие податоци се ажурира постојниот Избирачки список, објаснува Срцев.
Истовремено, освен со податоците од МВР, ДИK Избирачкиот список го дополнува и со информации од сите основни судови во земјава. Оттаму Kомисијата исто така добива списоци со полнолетни граѓани на кои им е одземена деловната способност, односно им е изречена мерка притвор.
На крајот списокот се става на јавен увид, а по неговото завршување, политичките партии имаат рок од пет дена да реагираат до Kомисијата доколку забележат неправилности или имаат други забелешки за запишување, дополнување или бришење податоци, додава Срцев.
Последниот збор за заклучување на Избирачкиот список го имаат МВР и Државниот завод за статистика и ДИK.
Во списокот ќе бидат впишани сите лица што извадиле личен документ најдоцна до денот кога изборите се распишуваат. Лицето што наполнило 18 години и извадило документ за идентификација во меѓувреме, непосредно пред гласањето, ако сака да гласа, треба да донесе соодветна пријава во Државната изборна комисија, односно нејзината подрачна единица.