Дневниот број новозаразени лица со коронавирусот во Кина би можел да достигне 3,7 милиони во петок, пишува германската новинска агенција DPA повикувајќи се на независни истражувачи, во време кога земјата по попуштањето на епидемиолошките мерки се бори со голем бран инфекции.
Бројот на смртните случаи од Covid-19 би можел да достигне врв од 25.000 случаи дневно десет дена подоцна, објави аналитичката компанија Airfinity со седиште во Лондон во својата најнова процена.
До овој момент, според процените, повеќе од половина милиони луѓе би можело да умрат од зараза со коронавирусот во Кина од почетокот на декември. Во Airfinity проценуваат дека бројот на смртните исходи би можел да се зголеми до 1,7 милиони до крајот на април.
На 7-ми декември под притисок на западните економии, мултинационалните компании и масовните протести на своето население Кина ја напушти својата политика на „нулта толеранција“ на коронавирусот, кои подразбираа строги чести ограничувања на движењето и патувањата, задолжителен карантин, масовни чести тестирања и следење на контактите.
Тоа го покрена бранот на зарази, со 248 милиони новозаразени, или 18 отсто од населението се заразени со Covid-19 само во првите три седмици од декември, според процените. Се очекува дека моменталниот бран ќе трае до март или април. Меѓутоа, тешко е да се предвиди, бидејќи властите престанаа да ги објавуваат податоците за коронавирусот.
Во Airfinity предвидуваат и дека пикот на заразите ќе дојде на почетокот во март, со 4,2 милиони новозаразени дневно, а дека особено ќе бидат погодени руралните области.
Стручњаците се особено загрижени поради избивањето епидемии во помалите градови и руралните области во пресрет на прославите по повод лунарната кинеска нова година на 22-ри јануари. Традиционално, во овој период стотици милиони луѓе патуваат а годинава се очекуваат две милијарди патувања.