ДНК анализата на посмртните останки во масовна гробница во урнатините на познатиот град на Маите – Чичен Ица, во денешно Мексико, ја откри практиката на ритуално жртвување на машки деца, според неодамна објавеното истражување.
Меѓународен тим истражувачи спровел длабинска генетска студија на посмртните останки на 64 деца кои ритуално биле погребани во храмот Чичен Ица помеѓу 500 и 900 година од нашата ера. Анализата покажала дека сите деца се од машки пол, на возраст меѓу три и шест години и тесно поврзани, вклучувајќи и две групи идентични близнаци.
Се смета дека тие биле жртвувани во период од 500 години, иако повеќето биле погребани за време на 200-годишниот политички врв на Чичен Ица помеѓу 800 и 1000 година, според истражувањето објавено во средата во научното списание Nature.
Наодите укажуваат на поврзаност со митовите Попол Вух за потеклото на Маите, свет текст кој ги прикажува таканаречените близнаци херои, централни фигури во митологијата на Маите кои се претворени во Сонце и Месечина.
Според Министерството за култура на Мексико, ова е првпат близнаците да бидат идентификувани во погребниот контекст на древните Маите.
Коавторката на студијата Катрин Нагеле од германскиот институт за еволутивна антропологија Макс Планк вели дека идентификувањето на двете двојки идентични близнаци било изненадувачко.
„Наодите ни кажуваат дека децата биле избирани во двојки за ритуални активности“, вели Оана Дел Кастиљо-Чавез, коавтор и истражувач на Одделот за физичка антропологија во мексиканскиот центар INAH Yucatan.
„Извештаите од почетокот на XX век лажно ги популаризираа морничавите приказни за млади жени и девојки кои биле жртвувани таму.
Ова истражување, спроведено како блиска меѓународна соработка, ја пресвртува таа приказна и открива длабоки врски меѓу ритуалното жртвување и циклусот на смртта и повторното раѓање опишани во светите текстови на Маите“, додава водачот на групата во Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк, Кристина Вариннер.