До 2026 година сите општини ќе се дигитализираат целосно, сподели министерот Перински на конференцијата MeetUp 2025

Дигитализацијата овозможува полесен пристап до информации, подобрување на јавните услуги, поголема tранспарентност и поефикасна комуникација помеѓу институциите, бизнис секторот и граѓаните. Со неа работиме и на зајакнување на дигиталната писменост и прилагодување кон новите глобални предизвици, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински на овогодинешниот конференциски настан MeetUp 2025, организиран под франшизата на The Economist – „The Economist MeetUp“, посветен на зближување на бизнис заедницата во земјава, на која преку панелни дискусии се дебатираше за дигитализацијата, технологиите, општествената одговорност и трговската рзмена во регионот и ЕУ.

Како што посочи министерот Перински, несомнено е дека дигитализацијата на општинските и административните служби претставува клучен чекор кон потранспарентна, побрза и поефикасна администрација, па во таа насока, додаде, како министерство веќе преземаат конкретни мерки за дигитализација на услугите.

„Досега 23 општини и Град Скопје се поврзани со ЛоГес системот, а планот е до 2026 година сите општини да се дигитализираат целосно. Комплетна дигитализирана локална самоуправа, ќе отвори нови можности за инвестиции, работни места и економски раст, создавајќи поатрактивна деловна средина. Партнерството меѓу општините и приватниот сектор е силен катализатор за постигнување заеднички успех и создавање нови можности преку заеднички проекти, затоа, неопходна е континуираната соработка помеѓу општините, Владата, бизнис секторот и граѓаните.
Таа синергија е клуч за успешна и просперитетна иднина за сите нас“, посочи министерот Перински.