На предлог на Министерството за здравство, Владата вчера ја измени Одлуката во врска со препораките поврзани со високите временски температури донесена во средата, со што препораката за ослободување од работни обврски на ранливите групи граѓани, меѓу кои и бремените жени и лицата над 60 години, се продолжува да важи до 27 јули.
– Според добиените информации од Управата за хидрометеоролошки работи, дека во државава, високи температури се очекуваат и во деновите по 24 јули, Владата донесе одлука за измена на заклучокот од претходната седница, којшто се однесуваше на ослободување одредени категории лица од работни обврски од 21 до 24 јули 2022 година, со тоа што овој рок е продолжен до 27 јули 2022 година. Препораката за ослободување од работни обврски во периодот до 27 јули се однесува на ранливите групи граѓани, меѓу кои и бремените жени и лицата над 60 години, информира владината Прес-служба.
Како што се посочува во соопштението од оваа одлука се изземаат хронично болните лица.
Согласно добиените информации од Управата за хидрометеоролошки работи дека територијата на целата држава е зафатена од високи температури од портокаловата фаза, Владата во средата донесе препораки за ослободување од работни обврски на најранливите групи на население, бремените жени и хронично болните лица до 24 јули.
Според оваа одлука во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11 до 17 часот.
Препораките важат и за единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, за пружање помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, во регионите опфатени од топлотниот бран.
Исто така се препорачува, работодавците да ги почитуваат законските обврски во насока на одредени технолошки и производни процеси, кои претставуваат дополнителен ризик за здравјето на работниците.
Владата упати апел до јавноста и граѓаните за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои на отворен простор можат да предизвикаат пожар.
Со оглед на состојбата со корона вирусот и мерките кои се воведуваат за ограничување на изложеноста на граѓаните со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот, и поради можноста со претстојната исплата на пензиите да се зголемува изложеност на пензионерите како најранлива возрасна група, Владата предложи и исплата на пензиите за јули 2022 година да се изврши во групи.
Како што соопшти УХМР, времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала облачност во западниот планински регион и на крајниот исток. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе биде во интервал од 35 до 41 степен.
Утре попладне и кон крајот на денот ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со засилен до силен ветер, краткотраен пороен дожд и грмежи.
До среда подрачјето на нашата земја и понатаму ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури. На целата територија ќе остане активно портокаловото ниво на опасност од високи температури.