До Инспекцискискиот совет поднесени вкупно 115 претставки

Во текот на минатата година до Инспекцискиот совет се поднесени вкупно 115 претставки. Од нив најголем дел се однесуваат на заштитата на пазарот и работните односи по што следуваат урбанизмот и транспортот.

Директорот на Инспекцискиот совет Ванчо Каргов денеска информира дека 14 претставки се однесуваат на жалби за постапувањето на инспекторите и оти во два случаи се иницирани постапки за утврдување на дисциплинска одговорност на инспекторите.

До Инспекцискиот совет пристигнале и 32 претставки од граѓани во кои тие се жалеле на работата на општинските инспектори.

– Има доста поплаки од граѓаните и за работата на општинските инспектори. Инспекцискиот совет согласно законот нема надлежност врз работата на инспекциските служби во локалната самоуправа, но се обидуваме да најдеме начин со општините и со Државниот управен инспекторат да ги решиме нивните проблеми, истакна Каргов.

Инспекцискиот совет постапува по жалби од граѓани и правни лица во шест области и тоа надзор на пазарот и работната сила, заштита на животната средина и здравјето на луѓето, градежништвото, земјоделството, образованието и управата.