До крајот на неделава стартува проектот „Македонија вработува 2“

До крајот на неделава стартува проектот „Македонија вработува 2“. Собранието го усвои пакетот закони за мега-проектот на Владата со којшто се очекува да се вработат од 15.000 до 20.000 граѓани.

Пратениците денес ги усвоија предлог измените  на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за здравствено осигурување кои се поврзани со реализација на проектот „Македонија вработува 2“.

Усвојувањето на овие закони во законодавниот дом е последен чекор со кој ќе стартува проектот и компаниите ќе можат да ги користат бенефициите при вработување на неколку категории невработени лица.

Минатата недела, вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов одржаа прес конференција за медиумите на која информираа дека очекуваат од 15.000 до 20.000 нови вработувања наредната година за време на спроведување на проектот.  Македонија вработува 2 продолжува на барање на бизнис заедницата, истакна Спасов и посочи дека опфатот на социјално ранливите категории и исклучително важен.

mkd-vrabotuva-1

Македонија вработува 2 ќе опфати пет категории на невработени лица и тоа:

Првата категорија, што ќе може да го користи проектот, се невработени млади до 35 години за кои работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси и персонален данок три години. Пред вработувањето не треба да имаат заснован работен однос најмалку три месеци, a работодавачот е должен да ги задржи на работа  уште 12 месеци по истекот на периодот за кој што е ослободен од плаќање придонеси.

Втората категорија се долгорочно невработени од 35 до 50 години за кои има ослободување од придонеси пет години. Услов е лицето во последните 15 години да било најмногу пет години во работен однос и најмалку три месеци пред вработувањето да немало заснован работен однос согласно со мерката. Работодавачот е должен да го задржи лицето  уште најмалку 12 месеци по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси или вкупно најмалку 6 години.

Со третата категорија се опфатени невработени над 50 години за кои ослободувањето од придонеси е 60 месеци. И за нив има услов најмалку три месеци пред вработувањето да немаат заснован работен однос.

Четвртата категорија се невработени над 58 години, во последните две години без вработување. За нив работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси до остварување на правото на старосна пензија.

Петтата категорија, пак, се невработени лица со социјален ризик (лица со инвалидност, родители на деца со пречки во развојот, самохрани родители,родител во  еднородителски семејства, родители на три и повеќе деца, како и поранешни професионални војници). Ослободувањето од плаќање на придонеси ќе биде пет години, а не треба да бидат во работен однос три месеци 60 месеци пред вработувањето.

Eкономско социјалниот совет го поддржа пакетот закони за реализација на проектот Македонија вработува 2  при што социјалните партнери истакнаа дека овој проект обезбедува континуитет во борбата против невработеноста. Со свој став се јави и експертската јавност, експерти по трудово право и социјална политика кои позитивно се изјаснија за ефектите на Македонија вработува.

Според најавите, од 27 до 37 проценти изнесува заштедата за едно отворено ново работно место од платата која што се исплаќа од бруто платата односно за секоја приватна компанија, во просек заштеда од околу две илјади евра годишно за ново отворено работно место преку проектот „Македонија вработува“.