Реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ на потегот до кружниот тек кај Порта Влае треба да заврши за две недели, но градежните работи под мостот „Влајко“ кон мостот „Обединети нации“ планирано е да заврши за два месеци, тврдат од Град Скопје.
Граѓаните се револтирани поради лошата организација за реконструкцијата на улицата бидејќи ова е западен влез-излез од градот, многу често сообраќаат и тешки товарни возила, автобуси.
За да поминеш пет километри и да стигнеш во Ѓорче чекаш 45 минути, треба да земеш дете од градинка, тие ти ѕвонат да не си го заборавил, од работа не можеш да излезеш порано. Ова навистина е лудо, зарем не можеше да се почен со работа во месеците кога имаше помалку сообраќај и луѓето беа на одмор – вели граѓанин за „Нетпрес“.
Според Град Скопје со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежнат движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании.
На терен се работи на потегот од мостот „Влајко“ до кружниот тек кај Порта Влае и работите се одвиваат со забрзано темпо и очекуваме оваа делница, доколку се поволни временските услови, да биде готова за околу 2 недели. Во наредниот период треба да започне и делницата од мостот „Влајко“ до мостот „Обединети нации“, каде рокот за завршување на градежните работи е два месеци од почетокот на градежните активности, се вели во нивниот одговор за „Нетпрес“.
Тие објаснуваат дека во моментов паралелно со овој булевар, се работи и на втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, како и реконструкцијата на улиците „Ацо Шопов“,„Брадфордска“, „Лондонска“ во Карпош, улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“.