До почетокот на следната недела ќе се знаат каматите од унгарскиот кредит за домашните компании

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува кон крајот на оваа или на почетокот на следната недела конечно да бидат прецизирани условите во однос на каматите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, и потоа парите да бидат ставени во функција.

-Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има Министерството за финансии поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка. Очекувам на крајот на оваа или на почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, да се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најниски услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање, кога ќе биде средбата со банкарите и дали Владата размислува да ги покрие трошоците за каматите за кредитниот ризик за банките за да добијат фирмите поволни кредити.

На средбата изминатиот викенд не беше постигнат договор меѓу Владата и банките за дефинирање на условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постигната е согласност околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни, беше кажано, имало волја за доближување на ставовите.

Премиерот Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација, рече дека во однос на каматата, уште ќе се преговара.

Унгарскиот заем од вкупно 500 милиони евра, го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.