До сега нема посериозни нарушувања во текот на гласањето, информира МВР

Министерството за внатрешни работи до сега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

-Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени, соопшти Ангеловски.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.