До среда стабилно и суво време, од четврток можна појава на дожд

Останува уште нецела недела до крајот на ноември, а дотогаш нема да видиме некое особено студено време, а уште помалку снег (се разбира доколку не ги сметаме повисоките планини).

Според прогнозата на Метеопро денеска ќе биде сончево, а утре се очекува претежно сончево време со локална слаба облачност. Можна е појава на сосема тенок слој на магла по одделни котлини во северозападниот крај наутро, но истата ќе биде краткотрајна.

Утрото ќе биде релативно студено, а на повеќе места ќе има слана. Минималната температура ќе има вредност околу -2°С низ котлините, освен јужно од Демиркаписката клисура, каде минималната ќе има вредност околу 2°С. Повисоките места очекуваат минимална температура околу -5°С.

Дневниот температурен максимум во поголем дел од населените места ќе биде во дијапазонот од 7°С до 10°С.

Среда ќе почне со слично време и слична минимална температура како и вторник. Поголема промена на времето во однос на вторник нема да има ни во текот на денот.

Максималната температура во среда ќе има вредност помеѓу 8°С и 11°С. Само малку потопло, до 12°С ќе биде во Гевгелиско – Дојранскиот регион.

Мал пораст на утринската (минималната) температура се очекува во четврток. Истата ќе има вредност само малку над 0°С низ котлините. На повисоките населени места и понатаму таа ќе има негативна вредност, но само за 2°С до 3°С под нулата.

Денот ќе помине во претежно облачно време, со услови за сосема слаб, повремен дожд. На повисоките планини ќе провејува сосема слаб снег.

Дневната температура ќе достигне максимална вредност слична на онаа од среда.

Во петок продолжува облачното, а локално и магливо време. Повторно оваа облачност ќе донесе услови за повремен и сосема слаб дожд. На планините и понатаму повремено ќе провејува слаб снег.

Минималната температура ќе биде позитивна, додека максималната ќе има вредност околу 9°С во поголем дел од котлините.