До темел изгоре училиштето во тетовско Ново Село, опожарена викендичка на Шапка

Во пожар кој избувна во неделата попладне целосно е изгорено Основното училиште „11 Октомври“ во тетовско Ново Село 2, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Во пожарот нема повредени. Опожарено е и едно возило што било паркирано во блзина на училиштето.

Според неговите податоци, директорот на училиштето околу 13,45 часот во полициската станица Камењане пријавил дека гори покривната конструкција од училиштето што било потврдено од полициска екипа која веднаш била испратена на местото на настанот.

Интервенирале три противпожарни возила од тетовската територијална противпожарна единица кои успеале да го локализираат пожарот, но дури откако изгорел објектот.

Во училиштето учат вкупно 217 учениици во 13 паралелки.

Училиштето „11 Октомври“ било целосно реконструирано пред две години.

Ноќта меѓу петок и сабота, пак, од засега неутврдени причини на неутврден начин избувнал пожар во викендичка на Попова Шапка сопственост на Х.Џ.(41) од Тетово, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според пријавата на сопственикот, пожарот избувнал во ходникот на приземјето и се проширил на останатите делови на викендичката по што бил изгаснат, а штетата според сопственикот се проценува на 1.800.000 денари.

Полицијата извршила увид, го фотодокументирала местото и работи на утврдување на причините за пожарот.