Претстојат тешки избори, но правдата ќе победи, бидејќи гледајте колку народ дојде само за еден ден на протестот на опозицијата, но тие имаат очекувања кои ВМРО-ДПМНЕ мора да ги исполни инаку би биле слични на оваа власт, вели во интервју за Република потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.
Во врска за најавата на техничкиот премиер Оливер Спасовски дека следи период на црна кампања, Мисајловски рече дека е нелогично тоа да го даде технички премиер задолжен за спроведување на фер и демократски избори и смета дека тие како опозиција имаат легитимно право да дадат оценка за кампањата. Според него, очигледно е дека СДСМ почнува да прави некакво алиби бидејќи знаат дека многу ќе изгубат.
„Ние додека правиме програма, додека пристапуваме кон граѓаните со позитивни мерки, од власта најавуваат дека ќе има ширење на лажни вести, црна кампања…, а тие против уставно ја разрешија министеката за труд и социјала, од друга страна секоја одлука што на Влада ќе ја донесе министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, му се поништува. Човекот што треба да ги води изборите во МВР му се врзани рацете од Власта како и со правдата и судството што власта ги зароби насекаде во Македонија“, рече Мисајловски.
Како член на комисијата за коалицирање, Мисајловски обзнани дека идната недела партијата ќе обелодени со кого ќе влезат во коалиција. Рече дека периодов се одржуваат средби и состаноци со нивните коалициони партнери и со партии кои се дел од власта, но потенцира дека мора да внимаваат на некои луѓе кои во минатото многу му згрешиле на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бараат да се вратат.
Вратата нема да биде отворена за сите бидејќи не може секогаш кога ќе осетат дека некој доаѓа на власт да се приближуваат кон него и веднаш тоа да го прават бидејќи сме огорчени низ процесите кои што се случија последниве години. Видовме дека имаше предавства кон ВМРО-ДПМНЕ и треба да бидеме внимателни. Добро е што многу партии доаѓаат кај нас, а кој се премногу разочарани од Заев, но набрзо ќе го направиме форматот и ќе излеземе со листата. Сепак, треба да го прашаме нашето членството, да ги прашаме граѓаните, не е само да се донесе брза одлука која потоа ќе биде на штета на ВМРО-ДПМНЕ. Разговараме и со албански партии, но ние не сме како Зоран Заев да ветуваме дека сме мултиетничка партија, ние сме македонска партија за сите граѓани и тоа што го ветуваме ќе биде за сите подеднакво во цела Македонија, вели Мисајловски, за „Република“.
Тој во интевјуто зборува и за последните случаи со објавените „бомби“ од страна на пратеникот Антонио Милошоски. Вели дека до партијата пристигаат многу дописи и материјали во кои има индиции за сторен криминал и дека се што ќе стигне, а е од јавен интерес ВМРО-ДПМНЕ ќе обелодени за да се знае вистината.
„Нема бизнисмен што не се жали, нема некој што сака да започне нов бизнис да не се жали, нема странски инвеститор да не се жал поради рекет и корупција. Ова е невидена работа! Како одговорна политичка партија мора сето ова да го споделиме со јавноста, но се разбира таму каде што имаме навистина цврсти докази кои што треба да ги обелодениме пред јавноста, вели Мисајловски потенцирајќи дека во минатото на прес-конференции партијата обелоденила материјали за многу криминални случувања, но нема ниту еден човек од СДСМ против кого е покренато обвинение, освен со случајот „Рекет“ кој што не можел да се сокрие од јавноста“.
Мисајловски во интервјуто коешто можете да го слушнете во подолу, зборува и за датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ, за судството, како и за инфраструктурата, најавите за автопатско поврзување на Скопје со Битола, но и за автопатите кои тој како тогашен министер за транспорт и врски ги започна, а со актуелната власт останаа недоизградени.