Денеска излегува огласот за бесплатни обуки за напредни ИТ вештини за заинтересираните невработени лица.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, денеска на прес конференција информираа за овој проект, кој би овозможил полесно ваботување.
Спасов на почетокот нагласи дека вклучувањето на пазарот на трудот и подобрување на вработливоста на невработените лица бара превземање на конкретни сеопфатни мерки кои се предвидени во Оперативниот план за вработување и активните мерки за 2014 година
“Ако се земе в предвид дека вештините од областа на напредните информациските технологии ја зголемуваат и конкурентноста на пазарот на труд тогаш со сигурност може да ја потврдиме успешноста на мерката Обука за напредни ИТ вештини која и оваа година ќе се спроведува.
“Ги мотивираме евидентираните невработени лица – активни баратели на работа, со завршено средно или високо образование, кои се заинтересирани за стекнување вештини од областа на информатиката, да се пријават во работниот клуб во Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, каде се евидентирани како невработени лица”, додаде министерот.
Овие обуки ќе се реализираат во Скопје и во други градови во зависност од пројавениот интерес на евидентираните невработени лица за учество во мерката и обезбедените услови за обука, во период од 3 до 6 месеци, за следните програмски пакети:
ADOBE официјална oбука за графички дизајн (16 лица)
AUTODESK официјална обука за 3Д моделирање и пост-продукција (16 лица)
JAVA официјална обука за Web Programmer (20 лица)
CISCO официјална обука Cisco Certified Network Associate (Routing and Switching) – CCNA (24 лица)
MICROSOFT официјална обука за MCSA Windows Server 2012 (12 лица)
MICROSOFT официјална обука за MCSA SQL Server 2012 (12 лица)
Обуките ќе се изведуваат врз основа на понудениот план за реализација на активности од страна на авторизиран обучувачки центар, а лицата кои редовно посетувале обука по завршување на истата ќе добијат уверение за посетувана обука и ваучер за завршен испит за стекнување со меѓународен сертификат. Полагањето на завршниот испит за програмските пакети треба да се реализира во рок од три месеци од завршување на обуките.
“Заинтересираните невработени лица можат да поднесат пријава за само еден програмски пакет од овој Јавен оглас, најдоцна до петти септември годинава, во работниот клуб во Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Невработените лица кои се заинтересирани за учество во обуката можат да ги добијат сите потребни дополнителни информации во работниот клуб во Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонијa”, рече Спасов
Сите заинтересирани кандидати кои ќе поднесат пријава за учество, ќе полагаат квалификационен испит.
Изборот на кандидатите кои ќе учествуваат во обуките ќе се врши исклучиво од листата на најдобро рангирани кандидати од квалификациониот испит.
Доколку има поголем број на кандидати со освоен ист број на бодови, предност при изборот ќе имаат кандидатите кои први поднеле пријава за учество. Доколку од лицата кои се избрани за учество во обуките се формира група од минимум 5 лица од ист регион, обуката ќе се спроведува во тој регион. Лицата кои биле вклучени во оваа мерка во претходните години, не може да бидат вклучени во обуката.
На крајот, Спасов посочи дека ова се програми за напредни комуникациски вештини и информатички технологии од ИТ секторот, кои посебно на младите ќе им овозможат да бидат поконкуретни на пазарот на трудот. Воведувањето на обуките спроведувани од професионални обучувачи е резултат на следењето на потребата од вештините и умеењата кои денес најмногу се бараат од работодавачите особено во информатичкиот, телекомуникацискиот, банкарскиот сектор како и многу други и дополни:
“Tокму затоа е бројот на обуки е двојно зголемен од минатата година, но и бројот на лица кои треба да се опфатат во обуките за ИТ вештини во 2014 е двојно зголемен во однос на претходната година и годинава планирано е да се опфатат , 100 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа во АВРМ. За реализација на оваа мерка предвидовме 8.305.800,00 денари”
Од воведувањето на оваа мерка во 2010, учествувале 373 лица, а постигнати се 226 вработувања.