На Волстрит во четвртокот S&P 500 и технолошкиот Nasdaq индекс ослабеа, и покрај новите показатели кои упатуваат на забавување на инфлацијата во САД, бидејќи вложувачите станаа свесни дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) и натаму агресивно ќе ги подигнува каматните стапки за да ја сузбие високата инфлација.
Откако ден порано зајакнаа за повеќе од 2 отсто, S&P 500 се спушти во четвртокот за 0,08 отсто на 4.207 поени, а Nasdaq индексот за 0,5 отсто на 12.780 поени, Истовремено индексот Dow Jones го продолжи растот зајакнувајќи за благите 0,1 отсто, на 33.341 индексен поен.
По податокот за забавувањето на годишната инфлација мерена со индексот на потрошувачките цени во јули во САД која изнесувала 8,5 отсто, во четвртокот беше објавен и индексот на производствените цени, кој покажа дека инфлацијата во јули пораснала за 9,8 отсто во однос на истиот месец минатата година, што е нејзин најнизок раст од октомври 2021 година. На месечно ниво, пак, инфлацијата на производствените цени е намалена за половина отсто, што е нејзин прв пад од април 2020 година, и тоа благодарејќи на падот на цените на енергенсите.
Тие податоци ги поддржаа очекувањата на инвеститорите дека Fed во септември ќе ги подигне каматните стапки за 0,5 отсто наместо за 0,75 отсто, како и во претходните два наврата годинава. Fed годинава ги подигна клучните каматни стапки за вкупно за 2,25 процентни поени во настојувањата да се сузбие рекордната инфлација, загрижувајќи ги учесниците на финансиските пазари дека така агресивното заострување на монетарната политика ќе ја поттурне најголемата светска економија во рецесија.
По олеснувањето во средата поради забавувањето на инфлацијата во јули, ден подоцна беше запрен залетот на цените на акциите, бидејќи вложувачите станаа свесни дека циклусот на подигнување на каматните стапки сѐ уште не е завршен, имајќи предвид дека инфлацијата и натаму е многу висока.
Добитните продажби вчера најмногу ги зафатија акциите на компаниите кои се сензитивни на измената на економските циклуси, како „Tesla“ и „Amazon“, кои во средата беа најголеми добитници.
И на европските берзи најважните индекси имаа различна изведба, додека инвеститорите разгледуваа какви импликации врз монетарната политика имаат најновите податоци за инфлацијата во САД. Така лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,55 отсто на 7.465 поени, франкфуртскиот DAX за 0,05 отсто на 12.694 поени, додека парискиот CAC индекс зајакна за 0,33 отсто, на 6.544 индексни поени.