Додека се топи лирата, туристите ги пустошат луксузните бутици

Туристите во Турција деновиве наместо да ги посетуваат знаменитостите навалија во делови од градовите со луксузни продавници за да го искористат рекордниот пад на турската лира во споредба со доларот. Така за кратко време се формирале редови пред ексклузивните бутици од најскапите брендови како што се „Шанел“, „Луј Витон“ и други.

Купуваме облека, шминка, брендови бидејќи цените се многу евтини, рече една туристка, која е во посета на Истанбул со своите две ќерки, а во шопинг заминала со празни кофери.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика граѓаните да го продолжаат своето гостопримство кон туристите, бидејќи во овој критичен момент донесуваат со себе долари.

Веќе сме познати како многу гостопримливи, но продолжете го гостопримство бидејќи во овие моменти, додека некои изнесуваат долари надвор од земјата, вашите гости ги донесуваат, порача Ердоган на една од средбите со граѓаните.

Еден од вработените во оваие ексклузивни бутици рече дека никогаш немале ваква навалица, без оглед на тоа што во шпицот на сезоната секогаш имаат голем промет.

А дека шопингот во Турција во моментов е дефинитивно исплатлив е податокот дека еден турист само на разлика во валутата заштедил повеќе од 1.000 долари во споредба со купување на истите работи во сопствената земја.