Доделени дипломи за завршени бесплатни курсеви во општина Илинден

На пригодна свеченост што се одржа во Домот на култура „Илинден“, во присуство на градоначалникот Жика Стојановски, на свечен начин им беа доделени дипломите на учениците што ги завршија бесплатните курсеви што Општина Илинден ги организира во рамките на Културно Едукативниот Центар (КЕЦ) „Илинден“.

КЕЦ „Илинден“ годинава одбележува десетгодишен јубилеј откако почна да ја извршува својата едукациска дејност во рамките на Општина Илинден.

Бесплатните курсеви во 17 наставни дисциплини (странски јазици: англиски, германски, италијански, шпански, француски и кинески јазик), гитара, сликарство, јога, чи гонг, модерен балет, фолклор, народно пеење, фотографија, копаничарство, актерска игра и креативно пишување, досега ги посетиле над 5.000 ученици на возраст од 8 до 16 години.

Својата успешна работа, КЕЦ „Илинден“ оваа година ја прошири со отварање на нови бесплатни курсеви по англиски и германски јазик за сите возрасни жители на Општина Илинден.

Покрај новите бесплатни курсеви по англиски и германски јазик за сите заинтересирани возрасни жители на Општина Илинден, се воведоа и нови курсеви по Јога и Чи Гонг, како превентива и одржување на доброто здравје.

Во рамките на доделувањето на дипломите во театарската сала на Домот на култура „Илинден“ се одржа богата приредба, на која учениците се претставија со повеќе точки, преку кои го пренесоа она што го научија на бесплатните курсеви.