Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска ги додели наградите за најстар велосипед што е во функција, за најубаво украсен велосипед и за најубав цртеж на тема „Возам велосипед, ја штитам озонската обвивка“ (за учениците од средните училишта), од конкурсот што Градот Скопје го објави во рамките на „Европската недела на мобилност 2015“.
Јавниот конкурс за избор на најстар велосипед, за најубаво украсен велосипед и за најубав цртеж на тема „Возам велосипед, ја штитам озонската обвивка“ Градот Скопје го распиша во рамките на традиционалната манифестација „Европска недела на мобилност 2015“, која се реализираше во соработка со НВО „Прогрес“.
За категоријата Најубав цртеж на тема „Возам велосипед, ја штитам озонската обвивка”, за ученици од средните училишта денеска Градот Скопје ќе додели три награди и тоа: прва награда во вредност од 6.000 денари; втора награда во вредност од 4.000 денари и трета награда во вредност од 2.000 денари.
За категориите Најстар велосипед што е во функција и Најубаво украсен велосипед доделуваме по една награда во износ од по 6.000 денари. Сакам да нагласам и дека Градот Скопје е посветен на проектите за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и работи на изградба и реконструкција на велосипедските патеки, како дел од обемниот проект „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“, со кој до 2017 година во Скопје ќе бидат изградени 51 километар велосипедски патеки. Деновиве интензивно се работи на реконструкција на велосипедските патеки од рутата 1 од овој проект, што ќе ја поврзе Гази Баба со Центар и со Карпош – рече градоначалникот Трајановски, на доделувањето на наградите.
Стојан Блажевски денеска ја доби наградата за Најстар велосипед во функција, за велосипед стар 70 години со кој годишно поминува по 5.000 километри.
Наградата за најубаво украсен велосипед отиде во рацете на Василка Џековска Павлевска.
Во категоријата Најубав цртеж на тема „Возам велосипед – ја штитам озонската обвивка“, беа доделени три награди, и тоа:
Прва награда – Наталија Гучева – III година во СУГС „Никола Карев“
Втора награда – Стефан Илков – III година во ДСУ „Лазар Личеноски“
Трета награда – Симона Богоевска – I година во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“.