Доделени награди за најуспешни творби од конкурсот „Македонија земја на розите “

Со свечено доделување на награди и пофалници за ученици од основните училишта од Македонија кои, како учесници на наградниот конкурс „Македонија земја на розите“, создадоа интересни креации, литературни и ликовни творби во знакот на розата, и благодарници за претставници од бизнис заедницата кои овозможија Македонија малку повеќе да замириса на ружи, беше заокружена национална еколошка кампања „Македонија, земја на цвеќето, Македонија-земја на розите 2014“.

Беа доделени девет поединечни награди поделени во три категории, и тоа, во категорија од прво до трето одделение, категорија од четврто до шесто одделение, и од седмо до деветто одделение. Првонаградените од секоја категорија добија таблет со енциклопедија, второнаградените добија велосипеди кои ги обезбеди градежната компанија „Адора“, додека третонаградените ученици си заминаа со училишни ранци полни со слатки производи од фабриката „Европа“.

За групни изработки од одделенија беа доделени пофалници, а наградите (зелен пакет за менторот и цедиња за учениците) за нив ги обезбеди Регионалниот еколошки центар за Југоисточна Европа (РЕЦ).За најдобрите ликовни креации, седум училишта добија групни пофалници за посебен интерес и креативност, а две училишта добија групни пофалници за литературни творби.

На сцената три ученички ги прочитаа своите песни посветени на розата.На настанот, на претставници од општините и бизнис заедницата кои донираа садници им беа доделени благодарници за учество и изразена поддршка во акцијата „Македонија-земја на розите“.