Доделени наградите за најдобрите општествено одговорни практики

Министерството за економија денеска по 13-ти пат ги додели Наградите за најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2021 година.

Наградата во 2021 година се доделува за проектите и практиките кои се реализирани во период од две години, од 1 јуни 2019 до 1 јуни 2021 година, од причина што во 2020 година наградата не беше организирана. Во 2021 година на конкурсот за наградата се пријавија вкупно 19 проекти од 12 македонски претпријатија.

Заменик-министерот за економија Зоран Маневски на доделувањето на наградите истакна дека компаниите се соочуваа и дека сѐ уште се соочуваат со предизвикот за одржување на своите економски операции во таканаречената „нова реалност“. Некои од нив се обидуваат да ја задржат стекнатата пазарна позиција, други едвај ја одржуваат својата ликвидност, трети се борат да изнајдат модалитети за освојување нови конкурентски предности. Ова е период на адаптации, менување на стратегии за работа и воведување нови бизнис тактики.

– Нѐ радува фактот што општествената одговорност после 13 години претставува составен дел на деловната политики на македонските претпријатија. Сите овие години се наградуваат претпријатија кои ја докажуваат својата посветеност кон општествената благосостојба преку: вложување во заедницата, заштита на животната средина, етичкото управување, односите на пазарот (потрошувачите и купувачите), односот кон своите вработени, а воедно со тоа работат на подобрување на сопствената конкурентност како на националниот така и на меѓународниот пазар. Националната Награда за најдобри ОО практики на македонските претпријатија прераснува во традиција, која предизвикува исклучителен интерес кај деловнните субјекти. Оваа награда е начин да докажеме и да ги наградиме успешните примери во примената на концептот на ОО на претпријатијата. Компаниите во нивните деловни активности и во нивната интеракција со заинтересираните страни, на доброволна основа, ги интегрираат социјалните грижи и грижата за заштитата на околината – кажа Маријана Лончар Велкова, претставник на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата.

Во 2021 година, на конкурсот за оваа Награда беа пријавени 19 проекти, од 12 претпријатија, од кои 10 се големи претпријатија (82% од вкупниот број субјекти), а 2 се мали и средни (18%), поточно 2 средни.

Добитници на Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатијата 2021, во вид на статуетки во петте различни категории на наградата, се следните општествено одговорните проекти на: Алкалоид АД Скопје („Луѓето пред сè“); А1 Македонија ДООЕЛ Скопје („The New Normal“); Халк Банка АД Скопје („HalkEco“); Алкалоид АД Скопје („Фотоволтаична електрана“) и НЛБ Банка АД Скопје („НЛБ Рамка за помош“).

Проектите кои влегоа во потесен избор за доделување на статуетка, се наградуваат со Плакети, а меѓу нив се: Алкалоид АД Скопје („Заштита на вработените во време на ковид-19“); А1 Македонија ДООЕЛ Скопје („A1 Future Hub); Цементарница УСЈЕ АД Скопје („Грижа за благосостојбата на нашите луѓе“); Комерцијална Банка АД Скопје („е-Продавница за новата ера – Искуства и совети за поголема online продажба); Комерцијална Банка АД Скопје („Борбата со ковид-19 е заедничка обврска – Комерцијална го помага јавното здравство“); А1 Македонија ДООЕЛ Скопје („Интернетот не е само игра… Кликај безбедно!“); Фармахем ДООЕЛ Скопје („Со мали чекори до подобро утре!“)

Во конкуренција од 19 проекти од сите категории, Признанието за најинвентивна практика го доби проектот „НЛБ Рамка за помош“ на НЛБ Банка АД Скопје

Признание за најуспешна практика во справување со последиците од кризата предизвикана од ковид-19, во конкуренција на сите проекти од петте категории на Наградата за најдобри општествено одговорни практики во 2021 година доби проектот „The New Normal“ на АМакедонија ДООЕЛ Скопје.

На сите останати проекти, организаторите им доделија Благодарници за учество во Наградата, како признание за вложениот труд, време и средства.