Доделени наградите за социјално претприемништво

Наградите за социјално претприемништво 2015 Македонија вечерва им беа доделени на добитниците. Идејата насловена како „Добра земја“ од областа на здраво и органско производство на храна е добитник на парична награда од 3.000 евра, второнаграден е тимот на „Coolinari 2.0”, кој својата идеја за социјален бизнис ја развива во областа на гастрономијата, додека третата награда ја освои тимот на „Концентрациска соларна електрана“ за енергетска одржливост.

Викторија Јовановска, директорката на Сектор Управување со физички лица на Шпаркасе Банка, која ги обезбеди паричните награди,  рече дека еден ваков проект им дава шанса на младите луѓе од Македонија да ја покажат својата инвентивност, да го развијат својот претприемачки дух и да ги отворат своите размислувања во насока на создавање на нови социјални бизниси.

– Преку овој натпревар успеавме да ги поттикнеме студентите и младите во Македонија да се фокусираат на создавање на нешто сосема поинакво, каде со нивните идеи земаат учество во креирање на нови решенија од областа на социјалното претприемништво, изјави Јовановска.

За Билјана Филиповска од првонаградениот тим на идејата „Добра земја“, признанието е доказ дека вредноста за која се залагаат е препознаена наспроти сите предизвици и отпори со кои се соочуваат во комерцијалното секојдневие.

Специјалната награда од публиката беше доделена на идејата „Мој воздух“, мобилна и веб апликација која ги информира корисниците колку е загаден воздухот во нивната средина. „Мој воздух“ освои најмногу гласови од посетителите на веб страницата на Наградата за социјално претприемништво (http://socialimpactaward.mk/).

Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена, како и три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата. Тимот добитник на специјалната награда од публиката, ќе добие тримесечно менторство и период на инкубација.

Наградата за социјално претприемништво се организира во 10 европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna.